Деспотовски: 33 милиони евра од придонеси и персоналец се уплатени во Буџетот само минатата година од ТИРЗ

од Nikola Popovski
209 прегледи

„Ако во периодот 2017 – 2021 година се дадени 75 милиони евра, дел како ослободувања, дел во вид на државна помош, само минатата година имаше уплати во Буџетот во вид на придонеси, персоналец, значи без данок на добивка, некаде околу 2 милијарди денари или 32-33 милиони евра. Така, само лани сме имале околу 45 отсто уплата во однос на сѐ што е исплатено во изминатите пет години“ изјави директорот на Технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски.

Тој додаде дека по неговото доаѓање на оваа позиција се промени начинот на кој што се проценуваат ефектите од инвестициите, па наместо само гледање на инвестиција во објекти и технологија, сега се гледа структурата на работна сила, колкави ќе бидат платите, динамика на раст на плати – со други зборови колку и кога ќе ѝ се врати на државата и на граѓаните.

„Има инвестиции кои што на прв поглед изгледаат многу интересно. На пример, некој вели ќе инвестира 50 милиони евра и ќе вработи три илјади луѓе. Но, кога ќе ја направите математиката и ќе сфатите дека врз основа на тоа што тие очекуваат како поддршка, државата ќе дојде на нула во годината 17. Дилемата е, во ред, но кога би биле инвестициски фонд, би ги дале ли парите?“ вели Деспотовски.

Како што потенцираше директорот на ТИРЗ висината на државната помош не може да надмине 50 отсто, што е усогласено и со европските регулативи.

„Но, она што ние го променивме е што ги индивидуализиравме мерките според потребите на секој инвеститор. Со други зборови престанавме да бидеме предвидливи. Оти досега имаше иста шема на помош за сите, којашто е добра но нѐ прави многу предвидливи. Не спрема јавноста тука, туку спрема конкурентите надвор, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Мароко… Предвидливоста во оваа дејност е добра за домашна публика, но е лоша за државата. Во смисол, велиме ова е тоа што може да го очекувате, а соседот ќе дојде ќе рече ’добро, еве уште два плус од мене’. И приказната е завршена“ рече Деспотовски.

Слични содржини