Деспотовски бара извинување од СДСМ за „лажни и навредливи наводи“, во спротивно ќе ги тужи

-Никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата, порача Деспотовски

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Фејсбук/Јован Деспотовски

По вчерашното изразено незадоволство на Петре Шилегов, уште еден член на СДСМ се обрати до јавноста барајќи смени во раководството на партијата. На екс-директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, вели дека му е доста од „лагите, конструкциите и манипулациите на сегашното раководство на СДСМ“. Според него, единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата.

-Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функциониери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв. Никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата. Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните, истакнува Деспотовски.

Ова што се случува, додава членот на СДСМ, одамна ја помина секоја границата на внатрепартиска дебата.

-Станува збор за свесна клевета и политичка хајка, која нанесува штета не само на моето име и интегритет, туку се гази и угледот на партијата. Партија што низ децениите ја градеа илјадници другари, кои сигурно не сонувале дека нашата СДСМ ќе води дневна борба со медиуми и медиумски работници. Отворањето на внатрешни битки и поделби е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување.

Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ. Никој нема право со валкани игри да руши нешто што е создавано со жртва, верба и идеали, стои во ставот на Деспотовски.

Минатиот месец СДСМ соопшти дека до надлежните органи на партијата, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ, ќе достави барање за итно исклучување на Деспотовски од партијата. Како што тврдат од СДСМ, Деспотовски, во договор со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се обидува да ја дестабилизира партијата. Причината за тоа, посочуваат од СДСМ, е тоа што партискиот Антикорупциски тим (АКТ) изнел сериозни податоци за криминал и корупција на владата преку тендери.

„Жестоко удираат по СДСМ: Геро, Ивона, Бетмен, Наум, квислингот Деспотовски и на крај Шилегов. Сите ги командува еден центар: ВМРО. Целта е рушење на СДСМ“, стоеше вчера во соопштението на СДСМ по изјавите на Шилегов.