Креирање европски работни места дома и реформа на образованието што ќе ги подготви младите за професиите на иднината се клучни да се спречи одливот на мозоци од регионот. На младинскиот панел „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за справување со одливот на мозоци”, на третиот Форум за дијалог, претставници на владини и меѓународни институции, здруженија на млади и невладини организации дебатираа за конкретни решенија со кои треба да се влијае врз намалување на миграцијата, особено на младите и како оние што се иселиле да се поттикнат да се вратат дома.
„Во ТИРЗ креираме европски, добро платени работни места и можности за младите дома. Ако се решите да ја напуштите земјата, тогаш не можете да ја направите промената. Ако останете, можете да се обидете, да успеете и да бидете промената. Имаме многу паметни и школувани луѓе и нивниот интелектуален потенцијал е она што може и ќе ја придвижи државата напред. Мора сите да работиме заедно за да создадеме иднина за младите дома наместо живот спакуван во куфери”, порача Јован Деспотовски, директор на Технолошки индустриските развојни зони (ТИРЗ).