Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, рече дека од еден скромен и отворен разговор во Истанбул со сопственикот на „Текнопанел”, Орхан Кахвеџи денес стигнавме до реална инвестиција од 20 милиони евра и 120 нови работни места со плати над државниот просек.
„Ова е последна од инвестициите кои ги презентиравме периодов и кои веќе надминуваат 620 милиони евра. Истите предвидуваат отворање на 5.000 добро платени работни места за наши сограѓани. Тоа е резултатот од новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции. Отворени сме, искрени и чесни. Тоа е стратегијата за која прашуваат од ВМРО ДПМНЕ. Нашата стратегија не е ЌЕ туку СЕГА – реални инвестиции и реални работни места. Тоа е она што не прави различни и успешни”, рече Деспотовски.
Орхан Кахвеџи, сопственик на компанијата „Текнопанел” рече дека оваа нова инвестиција е петти производствен капацитет, а воедно и првата фабрика за производство надвор од Турција.
„Новата инвестиција ќе даде додадена вредност на економијата во Северна Македонија. Како прво, ова е центарот на Европа, од каде ќе се извезува производството. Со помош на соработка со компаниите од регионот, квалификувани луѓе, верувам дека ова ќе биде уште една наша успешна приказна. Поддршката и стимулациите на Владата, за нас се исто така многу вредни”, рече Кахвеџи.
На настанот свое обраќање имаше и Хасан Мехмет Секизкок, амбасадор на Република Турција во Скопје кој ја истакна важноста на билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен фокус на подобрување на економските релации и инвестиции.
Во првите десет месеци од годинава во компаниите во ТИРЗ се отворени над 2.000 нови работни места, а бројот на вработени за првпат се искачи над 16.000. Ова е зголемување за 16% за една година. Само во октомври се отворени речиси 500 нови работни места. Во моментов ТИРЗ има помеѓу 30-35 активни клиенти. Во фаза на изградба се пет фабрики коишто имаат потпишано договор. Со новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции само во изминатите 18 месеци се постигнати договори од 620 милиони евра што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години.