„Како класичен петоколонаш и квислинг Деспотовски продолжи со нападите на СДСМ. Јавноста и членовите гледаат дека ова е продолжение на планот на предавничката коалиција ВМРО-ЗНАМ за напади и уривање на СДСМ“ – порачаа утрово од најголемата опозициска партија, повторно упатувајќи критики кон членот на СДСМ и поранешен директор на ТИРЗ.
Според СДСМ, нападите од Деспотовски, како што ги велат, доаѓаат токму кога, додаваат од оттаму, партијата се стабилизираше, напредуваше и доби голема поддршка од јавноста за борбата против криминалот и корупцијата на ВМРО-ЗНАМ и договорите „мигранти за пари“ .
-Додека ние ги разоткриваме криминалните шеми на ВМРО-ЗНАМ, тој со нив прави договор против СДСМ. Деспотовски прави дил со оние што сакаат да ја срушат СДСМ, повторно заради личен интерес.
Човек кој во партијата никогаш не бил активен, кој за партијата и за партиските другари практично не постоел.
Доказите СДСМ јавно ги објави, прво излегуваа текстови на порталот на Геро против СДСМ и во одбрана на Деспотовски. Кој може да верува дека е добронамерно јавното напаѓање на сопствената партија во моментите на најжестока борба против криминалот и корупцијата? Против договорите „мигранти за пари“?
Партијата отсекогаш била место за разговор, СДСМ е позната по внатрешната демократија, а не напаѓање преку медиумите, стои, меѓу другото, во соопштението од СДСМ.
Синоќа Деспотовски од гостување во телевизиска емисија порача дека неколку „поединци се кријат позади големото име на СДСМ и нанесуваат штета и срам“. Тој демантираше дека има соработка со владејачката партија, а за комуникација вели дека „имаме сите наназад 30 години“. Деспотовски, меѓу другото, информира дека во последните денови добил „голем број повици од другари и сопартијци кои го поддржале, но и кажале дека ова е срам што моментално се случува во СДСМ“.
-Сакаме да зборуваме за се што се случува околу нас, а работите дома не си ги средуваме, упорно после година и пол ние не можеме да кажеме дека нашиот дом е среден, реакциите на јавноста се такви, реакциите на нашите партиски членови се такви, рече Деспотовски.