Просечната нето плата во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) лани била 29 599 денари што е три проценти повеќе од просечната плата во државата, а просечниот број вработени достигнал 13 650 за разлика од 2020 година кога бил 13 014, соопшти денеска директорот на Дирекцијатата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Вкупно 22 компании од ТИРЗ бележат зголемување на бројот вработувања, седум намалување, а пет се со ист број вработени. Во однос на приходите, 24 фирми евидентирале пораст, а осум пад.
-Задоволство ми е да ги презентирам бројките зашто пред овој мој мандат, поставивме јасна цел – преку новиот концепт за поттикнување инвестиции директно да се придоенсе за раст на стандардот на граѓаните. Прв пат во изминатите 15 години просечната плата во зоните ја надмина просената плата во националната економија. Растот на платите се должи на ангажманот на компаниите, веќе и има делумна промена на структурата на вработените, но се должи и на реализација на дел од новите инвестиции, на модифицирањето на мерката за креирање работни места која се врзува со одредено ниво на плати и пораст на плати, како и на можноста компаниите да користат поддршка за вештини на вработените, истакна Деспотовски на прес-конференција во Владата.