Деспотовски: „Вабтек“ веќе вработува 350 сограѓани, добро е што Владата „пресече“

од Nikola Popovski
142 прегледи

Навистина е добра веста дека американската Вабтек (Wabtec) ќе ја реализира својата нова инвестиција и значително ќе ги прошири своите капацитети во Македонија, објави поранешниот директор на ТИРЗ и член на СДСМ, Јован Деспотовски откако синоќа од Владата објавија дека е договорена нова странска инвестиција во земјава.

Деспотовски истакнува дека повеќе од две години, со тимот од ТИРЗ заедно работеле со американската компанија, која веќе вработува над 350 наши сограѓани.

-Се боревме заеднички со предизвиците од различни институции. Институции и политичари кои заборавија дека работат за интересите на државата и граѓаните. Се боревме и на суд, каде добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена. Сепак, добро е што овие предизвици се сега минато, потенцира екс-директорот и додава дека затоа заслужува да се поздрави решеноста на Владата „да пресече“ и оваа инвестиција која е важна за сите граѓани да се случи.

Американската компанија „Вабтек“ е новата странска инвестиција која ќе вложи 35 милиони евра во земјава и со која ќе се отворат 100 работни места. Компанијата ќе инвестира во производство на сопирачки за шински возила, објави синоќа премиерот Христијан Мицкоски.

Во оваа информација на премиерот не е јасно дали „Вабтек“ ќе отвори нов погон во Македонија или ќе го проширува стариот, затоа што американската компанија за сопирачки работи е дел од македонската економија веќе 16 години и цело време произведува сопирачки за шински возила. Моментално има финансиски предизвици поврзани со отплата на кредити.

Ова е трета странска инвестиција што ја најавува премиерот. Првата беше онаа на инвестицискиот фонд Алказар Енерџи вредна 500 милиони евра кој треба да гради ветерен парк, а втората е инвестицијата на германско-белгиската компанија Епсотех Аим во скопски Петровец од 20 милиони евра.

Слични содржини