Деспотовски: Во Македонија ќе бидат добредојдени само инвеститори со висок квалитет кои ќе обезбедат повеќе пари во буџетот и повисоки плати

од Vladimir Zorba
534 прегледи

Првиот човек на ТИРЗ,Јован Деспотовски со поинаква и смела визија за начинот на „размрдување’’ на досегашната ситуација на не многу успешните обиди за привлекување странски инвеститори. Водејќи се од логиката според која повеќе секогаш не значи и подобро, Деспотовски во интервју за локално.мк вели „ Наместо квантитет, отсега ќе се насочиме кон квалитет на инвеститори. Инвеститори што ќе донесат поголема додадена вредност во домашната економија, повеќе пари во Буџетот и повисоки плати за луѓето‘’.

Потсетува дека еден од основните предуслови е стабилната околина во која власта и опозицијата можат да седнат и да зборувааат за теми од интерес за граѓаните. „Ваквата стабилност, нормална комуникација и однос ќе значат многу повеќе за инвестициите отколку 100 скапи кампањи што ќе ги платиме во странски медиуми’’, вели Деспотовски.

Во новите инвестиции кои влегуваат во земјите во регионот препознава само дополнителен поттик .„Конкретно, влезот на јапонскиот Тојо тајрс во соседна Србија е навистина значаен, но е процес што бил во подготовка повеќе од триипол години. Мој личен предизвик е да донесеме ваков, а можеби и покрупен „играч“ и во С.Македонија и за помалку од триипол години, посочува Деспотовски. Новина најавува и во третманот кон домашните компании и ставање крај на нивното маргинализирање .Со новиот пристап домашните компании ќе ги уживаат истите услуги, поддршка и привилегии како и странските, додава тој.

Каква беше 2020 година за странските инвестиции во С.Македонија? Aко го земеме предвид фактот дека секој квартал има пад на инвестициите, а во третиот одлив на капитал, какви се вашите очекувања за крајот на годината на овој план?

-Имаме обврска да бидеме задоволни од движењата кај странските инвестиции во 2020 година. Неспорно е дека со пандемијата многу од деловните процеси забавија. С.Македонија не е изолиран остров и овие негативни движења секако дека директно не засегнаа и нас. Но, работите ги придвижуваме во позитивна насока. За почеток, во неполни два месеци колку сум во Дирекцијата за ТИРЗ, веќе имаме 4 компании од постојните инвеститори што најавија проширување на капацитетите. Само од реализација на овие најави треба да влезат околу 50 милиони евра нови инвестиции.

Но, не застануваме тука. Моја цел е 2021 година да ја надмине 2019 по ниво на инвестиции, со над 350 милиони евра. Развиваме акција во неколку правци. Сметам дека во постојните инвеститори лежи огромен потенцијал за влез на свеж капитал. Како дел од новиот пристап на Дирекцијата, подготвивме и сеопфатен план за инвестиции во нова инфраструктура во зоните, што само за 2021 година ќе тежи околу 15 милиони евра. Планот е подготвен во соработка со постојните инвеститори, па така точно знаеме што им е потребно за успешно работење.

Во однос на привлекување на нови инвеститори, воведуваме важни новини, со профилирање и креирање на специфичен пристап за секој, што сметаме дека е од интерес за државата. Така, наместо квантитет, ќе работиме на привлекување на инвеститори со висок квалитет. Домашните компании ќе бидат таргет на нова, поагресивна кампања, со која и практично ќе им покажеме дека се еднакво добредојдени во зоните, како и странските.

Внимание посветуваме и на инвестициите во тек, бидејќи и тие директно влијаат на економијата и граѓаните. Веќе функционира целосно нов внатрешен систем на грижа за корисници, а во соработка со Владата и по залагање на премиерот Заев успеавме да помогнеме во надминување на едно горливо прашање за дел од големите работодавачи во зоните. За две од компаниите – Костал и Гентерм обезбедивме предвремена исплата на обврските, по основ на постигнати цели за вработување. Со ова, сакаме да ги поттикнеме и останатите инвеститори забрзано да ги реализираат инветициите и вработувањата, а ние сме подготвени да ги следиме во таа динамика.

Така, 2020 година ќе може да ја сметаме не за загубена, туку за година на подготовка и прилагодување.

Дали причината за лошите бројки треба исклучиво да се лоцира во пандемијата? Во изминатата година обележаа со корона криза, сепак беа регистрирани низа на странски инвестиции во регионот

-Лично, ме радува што во регионот имаме влез на нови инвестиции. На ниту една од земјите не гледам како на конкурент, туку како на елемент во еден заеднички инвестициски простор на Западен Балкан. Ова, впрочем, е предвидено и со Повеќегодишниот акциски план за Берлинскиот процес усвоен на Самитот во Софија во ноември 2020. Секоја поголема инвестиција во регионот, влијае врз подигнување угледот на сите земји. Секако, влезот на инвестициите не е едноставен процес и затоа мора да бидеме внимателни кога ги цениме последиците од пандемијата за различните земји. Конкретно, влезот на јапонскиот Тојо тајрс во соседна Србија е навистина значаен, но е процес што бил во подготовка повеќе од триипол години. Мој личен предизвик е да донесеме ваков, а можеби и покрупен „играч“ и во С.Македонија и за помалку од триипол години.

Но, кога сме кај споредбите, можеби следните бројки малку ќе помогнат за натамошни анализи. Тојо тајрс во Србија ќе вработува над 550 лица, што е исклучително значајно, особено во период на заздравување од пандемијата. Но, чесно е да споменеме и дека две од компаниите присутни во С.Македонија – Костал и Гентерм, во услови на пандемија, креираа нови работни места за над 1.000 наши сограѓани. И тоа две односно четири години пред предвидениот рок за постигнување на оваа бројка. Од наша страна, веднаш реагиравме и, наместо да чекаме 2022 односно 2024 година, веднаш ги исполнивме обврските на државата кон компаниите. Вака сметам дека се гради вистински партнерски однос на Владата со инвеститорите.

Како да се привлечат повеќе странски инвестиции? Очигледно е дека не е веќе доволно земјава да се рекламира со евтината работна сила

-С.Македонија не е и нема да биде земја на евтина, туку на квалитетна и доброплатена работна сила. Нашата цел е инвестициите да донесат практична добивка за државата и граѓаните. Затоа, наместо квантитет, отсега ќе се насочиме кон квалитет на инвеститори. Инвеститори што ќе донесат поголема додадена вредност во домашната економија, повеќе пари во Буџетот и повисоки плати за луѓето. Во програмата за работа на Дирекцијата поставивме за цел раст на платите на вработените во зоните од 30 – 50% до 2024 година. За остварување на таа цел, веќе подготвуваме програми и мерки со кои ќе ги поттикнеме и мотивираме компаниите да исплаќаат повисоки плати.

Во однос на условите за работа само за следната година подготвуваме инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура во повеќе зони. Во соработка со Светската банка, креираме и концепт на „Посебен стратешки инвестициски фонд“ која ќе овозможи државата и приватните инвеститори да вложуваат во посебни проекти за развој во инфраструктура, а по мерка на економијата и развојот. Со овој фонд сакаме да вложиме и во инфраструкура во дел од постојните индустриски зони во општините, каде поголем број компании се домашни.

Во насока на зголемување на инвестициите и конкуретноста, Владата ги изедначи царинските стапки со оние на ЕУ. Но, што друго бараат постојните инвеститори за да отворат повеќе работни места, за да инвестираат во нови технологии?

-Инвеститорите бараат стабилност и предвидлива околина. Со членството во НАТО направивме огромен чекор напред. Ова, заедно со очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ и нашиот нов пристап во поттикнување и реализација на инвестициите ќе придонесат за натаму да растеме во очите на странските инвеститори. На политички план едноставно мораме да престанеме со креирање на тензии заради ситни поени. Доволно видовме од се и навистина сметам дека С.Македонија е зрела за следната фаза од демократскиот развој, во која власта и опозицијата можат да седнат и да зборуваат за теми од интерес на граѓаните. Една од овие теми може да биде и како да придонесеме младите луѓе да не заминуваат од државата. Бидејќи со тоа директно и помагаме на економијата, а со тоа и на целото општество. Ваквата стабилност, нормална комуникација и однос ќе значат многу повеќе за инвестициите отколку 100 скапи кампањи што ќе ги платиме во странски медиуми. Впрочем, „сметката“ за случувањата од, на пример, 27 април сеуште не сме ја согледале, иако верувам дека сме „успеале“ да исплашиме доста инвестиции надвор од државава.

Владата го раскина договорот со четири компании што не го испочитувале договорот за добивање на државно градежно земјиште во слободните економски зони. Кои причини ги наведоа за непридржување на договорот и дали имаше интерес да ги обноват договорите?

-Да, со неколку компании беа раскинати договори за доделување на земјиште, од причина што не се испочитувани роковите за реализација на активностите. Не сметам дека државата е во сериозна загуба од ова, напротив. Не е добро да држиме ангажирано земјиште и ресурси во проекти што нема да се случат. Мудро мора да постапуваме и да ги распоредуваме ресурсите онаму каде ќе имаме најголема добивка. Дел од овие потенцијални инвеститори изразија интерес за обнова на договорите, но нашиот пристап сега подразбира и воведување на одредени заштитни механизми за државата. Меѓудругото, ќе направиме профилирање и ќе ја согледаме реалната додадена вредност, квалитет на овие инвеститори.

Колку македонски компании инвестираат во слободните економски зони? Што прави Владата за домашното производство во зоните?

-На Вашето прашање ќе одговорам со констатација: македонските компании биле, за жал, целосно оставени пострана во политиката за поттикнување на инвестициите. Само една домашна компанија во моментот е присутна во ТИРЗ. Разочарувачки и недоволно, ако ме прашате мене.

Значаен чекор напред е направен во 2018 година, со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, што создава еднаков третман на домашните со странските инвеститори. Следен чекор правиме ние со новиот пристап во работењето на Дирекцијата, што ќе опфати и изедначен фокус на домашните со странските инвеститори. Со практични зборови, домашните компании ќе ги уживаат истите услуги, поддршка и привилегии како и странските.

Во рамки на овој нов пристап, креираме програма за финансиска поддршка за технолошко унапредување на домашните компании, што ќе треба да помогне директно да влезат во вредносните ланци на големите странски компании. Ако знаеме дека економијата во рамки на зоните „тежи“ над 3 милијарди евра, тогаш самиот влез како добавувачи за нив ќе значи и огромен извозен пазар. Секако, еднаш стекната конкурентност ќе значи и поголем извоз, генерално, што е развојна цел и на Владата за периодот до 2024, па и понатаму. На програмата ќе соработуваме со стопанските комори, Министерството за економија и меѓународни партнери, а моделот на реализација ќе биде сличен на она што веќе функционира како успешна приказна во ФИТР.

Кои се бенефитите врз економијата од ТИРЗ-овите особено во услови на пандемија, во делот на даноци и придонеси? Колку кризата влијаеше на увозот и извозот од зоните?

-Направивме првична анализа на состојбата во ТИР зоните која покажува дека компаниите кои работат таму се носители на носители на извозот во земјава. Само во изминатите 10 месеци оствариле вкупен извоз од 2,1 милијарди евра и сочинуваат 45% од вкупниот извоз на државата. Дополнително кај ни е забележан значително помал пад од 9% споредено со падот од 13% на државно ниво. Зголемено е и учеството во вкупниот увоз на компаниите од зоните кое годинава е речиси 28%, и покрај севкупниот пад на увозот. Особено голема разлика има во однос на нето извозот – индустриските зони имаат позитива од 21%, додека вкупниот нето извоз во државава е во пад од над 23%. Она што охрабрува е дека над 70% од компаниите се профитабилни со пораст на приходите од 8,3%, а расте и нивната уплата во државниот буџет.
Веќе имаме речиси 49% годишен пораст на позитивната разлика од она што тие го враќаат во буџетот и исплатената државна помош само од ТИРЗ, без податоци Агенцијата за странски инвестиции и царинските ослободувања. За 2019 година, државата добила над 10 милиони евра позитивна разлика од уплатените и исплатените средства од инвеститорите. Со новиот пристап во работењето и мерките што ги воведуваме, очекувам овој износ значително да се зголеми во следните години.

Ова е своевидна економија во економија која мора да ја мобилизираме да генерира уште поголема додадена вредност од странските инвестиции во земјава. Вакви анализи ќе следат на месечно и квартално ниво. Целта ни е да креираме политики врз основа на бројки, а не бројки согласно политики.

Владата се пофали дека во 2020 година 12 странски инвестиции се во фаза на реализација, потпишување на договор или во фаза на преговори. Може ли да ги откриете имињата на сите заинтересирани компании за инвестирање во С.Македонија?

-Во моментов, според првични проценки, во тек на реализација се инвестиции во износ од над 150 милиони евра кај германски Гересхајмер, канадската Магна, американската Дура, турски Пурпласт, втората фаза од Костал итн. За да не ги набројуваме сите во интервјуа и за да бидат достапни до јавноста во секој момент, ќе ги објавиме јавно и со можност за следење на текот на реализација.

Како што споменав, само во изминатите два месеци четири компании најавија нови инвестиции во проширување на капацитетите, што е показател и дека го препознаваат новиот пристап во нашето работење. Во однос на имињата, моја заложба, а и политиката што ја следам е таква, да веднаш штом во разговорите имаме дефинирани конретни детали, истите ги презентираме на јавноста. Сега само ќе кажам дека очекувам доста динамична и плодна со резултати година.

К.В.С.

Слични содржини