Деспотовски: Втора инвестиција од над 100 милиони евра по само 18 месеци, e.GO ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра

од Vladimir Zorba
469 прегледи

Владата на Република Северна Македонија, застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ”, денеска во ТИРЗ Тетово потпишаа договор за државна помош за нова инвестиција. Станува збор за инвестиција која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.GO. Вакво целосно производство на електрични автомобили се реализира за прв пат во Република Северна Македонија.

На настанот по повод презентирање на новата инвестиција и потпишувањето на договорот се обратија претставници на Владата, како и на компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ” и други почесни гости.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање на настанот истакна:

„Новиот концепт на ТИРЗ дава конкретни резултати. По само 18 месеци ја имаме втората инвестиција над 100 милиони евра. Покажавме дека Северна Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила туку на мапата земји кои имаат капацитет и услови за големи инвестиции.

Само од почетокот на годинава имаме постигнато договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра. Со вакво темпо очекувам до крајот на годинава да ја достигнеме границата од половина милијарда. На почетокот на мандатот ветивме европски работни места и можности за младите. Во компаниите во ТИРЗ, од почетокот на годинава имаме нови 1.100 работни места.

Компанијата e.GO ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра. Ме прашуваат зошто Тетово? А зошто да не, и Тетово е Северна Македонија. И нема да ги делиме луѓето на наши и ваши, сите се наши. Но за мене клучното прашање гласи дали сакаме нашите деца да земаат три пати поголеми плати и да живеат во напредно општество или да бележиме рекорди на иселување. Со ваквите проекти им обезбедуваме иднина дома“.

Слични содржини