Детали од чудото во џунглата: Како четири браќа и сестри преживеале пет недели во дивината? (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
557 прегледи

Четири деца од домородна заедница во Колумбија се пронајдени на југот на земјата повеќе од пет недели откако авионот со кој патувале се урна во густа џунгла, изјави колумбискиот претседател Густаво Петро.

Децата биле спасени од војската во близина на границата меѓу колумбиските провинции Какета и Гуавијаре, во близина на местото каде што се урнал малиот авион.

„Радост за целата земја! Четворицата малечки кои исчезнаа, изгубени во колумбиската џунгла се живи“, објави Петро преку Твитер.

Малиот авион „Цесна 206“ превезувал седум лица на пат меѓу Аракуара, сојузната држава Амазонас и Сан Хозе дел Гуавиаре, град во државата Гуавијаре, но алармот за дефект на моторот се огласил во раните утрински часови на први мај.

Во несреќата загинале тројца возрасни, меѓу кои и пилотот, а нивните тела биле пронајдени во авионот. Падот го преживеале четири деца на возраст од 13, 9 и 4 години, како и едно 11 месечно бебе. Првичните информации од Управата за цивилно воздухопловство, која го координирала спасувањето, сугерираат дека децата избегале од авионот и се упатиле во прашумата за да побараат помош.

Спасувачките екипи со поддршка на кучиња трагачи претходно пронајдоа овошје што наводно децата го јаделе и импровизирани засолништа. Во спасувачките операции учествуваа авиони и хеликоптери на колумбиската армија и воздухопловни сили.

Децата преживеале благодарение на храната од комплетот за преживување што го нашле во остатоците од авионот. Малите деца биле пронајдени многу изнемоштени и покриени со каснувања од инсекти. Преживеале повеќе од 40 дена сами во природа по авионската несреќа, а во тоа им помогнале вештините кои ги научиле баба им и мајка им, пишува „Гардијан“.

„Неверојатно! Ги преживеаја животинските предатори, вооружени разбојнички банди, бури. Ова е прослава за целата земја“, изјави колумбискиот претседател Густаво Петро.

Четирите браќа и сестри се дел од домородната заедница Хуито. Иако исцрпени и гладни, ниту едно од децата не е во тешка или критична здравствена состојба. Ниту најмалото дете, кое својот прв роденден го прослави во џунгла. Децата биле пренесени во градот Сан Хозе де Гуавијаре за да им се пружи потребната медицинска и психолошка помош.

Слични содржини