Детали од судењето: Клучниот сведок се уште во бегство, се спомна и мобилниот на малата Вања

од Nikola Popovski
88 прегледи

Продолжи судењето за убиството на четиринаесет годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски. Се испитуваа сведоци на предлог на Обвинителството. Судењето продолжи со сведочење на вишиот инспектор Елвис Ибрахими и сведокот Тодорче Ѓорѓиевски од Единицата за економски и компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, кои биле присутни при претресот на домот на обвинетиот Љупчо Палевски на 3 декември лани.

На прашање на обвинителката дали инспекторот забележал дали некој од присутните во куќата токму тогаш звонел на телефонот на девојчето Вања, инспекторот рекол дека тој и неговите колеги не забележале дека некој од присутните остварил телефонски повик. Според него, никој не вртел на телефонот на Вања.

Ова следува откако од контекстот на прашањата што им беа упатувани на сведоците е дека од телефон на братот на Палевски било вртено на бројот на Вања за време на претресот.

Сведокот Гоце Трајковски, кој е еден од клучните сведоци за убиството на Вања и Панче, и понатаму е недостапен за Обвинителството. На денешното рочиште обвинителката истакна дека од МВР добиле информација дека Трајковски не е пронајден на адресата на живеење.

На 15-ти ноември требаше да сведочи за неговата улога во потрагата по Вања, но не се појави во судницата поради како што беше речено панични напади. Трајковски кој е сведок во судењето против првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо се сомничи и за палење на објект во скопска Кисела Вода во кој живееле станари. Од ОЈО порачаа дека по него се трага.

Обвинети за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски се Љупчо Палевски Палчо како првообвинет и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Според обвинението, четворицата првин го убиле Панче, за да му го земат возилото, а неколку дена подоцна, со тој автомобил ја грабнале Вања, со намера за неа да побараат откуп од членовите на семејството.

Слични содржини