Детали за трагедијата во Тетово: Опожарената покривна конструкција паднала врз Фатиме и нејзините деца

од desk2
178 прегледи

Опожарената покривна конструкција која паднала била фатална за 38 годишната Фатиме Зулбеари и нејзините 4 малолетни деца кои вчера го загубија животот во пожарот кој ја зафати нивната семејна куќа во тетовската населба Певчина. Едвај жива глава спасиле свекорот и свекрвата на Фатиме, кои престојувале на долниот кат од куќата. Таткото на децата во моментот на трагедијата работел како чувар во една тетовска фирма, пишува Слободен печат.

Соседите на семејствотото Зулбеари, велат дека ги разбудил чад и непријатен мирис утрината. Кога излегле на терасата виделе дека пламените јазици за многу кратко време ја голтаат куќата на семејствотото Зулбеари. Веднаш повикале противпожарна екипа.

– Во 3 часот и 30 минути почувствувавме дека има пожар, имаше чад. Мислев дека и мојата куќа е зафатена ама за среќа немаме последици. Комшијата Муса е чувар, бил на работа, а како што разбрав жена му Фатиме заедно со децата спиеле на горниот кат. Долу во приземје спиеја Суљо, таткото на Муса и мајката, свекор и свекрва на Фатиме. До 7.30 се гасеше пожарот – изјави Мусли Мемеди, сосед на семејството Зулбеари.

Дел од соседите раскажуваат дека пожарникарската екипа едвај пристигнала на лице место. По улицата која води до куќата каде избувнал пожарот имало и многу паркирани возила кои го попречувале нивното движење.

– Овие улици се тесни, а возилата на пожарникарсктие екипи се големи и плус имаше несоодветно паркирани возила. Од нив камионите на пожарната не можеа да поминат, па мораше да се бараат сопствениците на возилата. Дојде полиција која ги пронајде сопствениците на возилата, и тогаш помина пожарната откако беа тргнати возилата – рече жителка на тетовската населба Певчина.

Од територијалната противпожарна единица Тетово, велат дека за среќа успеале да го локализираат пожарот, за да не се прошири до останатите куќи, кои во оваа стара тетовска населба се споени една до друга.

– Изгорена покривна конструкција беше падната над телата, над жртвите за кои не знам колку се и како се починати. На само место се увиде дека има три куќи опфатени со пожар. Во средина е куќата со жртви, целосно е фатена од пламените јазици. Се обидовме да го спречиме пожарот зошто се ширеше и нагоре и надоле. Куќите се залепени една до друга. Оваа што изгоре беше стара куќа со стар материјал, лесно што гори. Ако се проширеше ќе беше уште поголема катастрофа. Имавме проблем за движење по тесните улици – изјави Ука Алити, командир на тетовската противпожарна единица. Во гасењето на пожарот интервенирале 13 пожарникари и 4 противпожарни возила.

Семејството Зулбеари пред десетина години од тетовското село Церово се преселило во тетовската населба Певчина. Соседите велат дека семејството било скромно и сиромашно. Едвај крпеле крај со крај.

За да биде трагедијата уште поголема, пред неколку години, во сообраќајка на Автопатот Тетово – Скопје загинал и 5 годишниот син на сега веќе починатата Фатиме Зулбеари.

Таткото на децата и неговите родители, најверојатно, во наредниот период ќе престојуваат кај нивни роднин и најблиски, се додека не се санира нивната куќа.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи го посети семејството Зулбеари, и вети дека ќе свика итна седница на совет, на која ќе се донесе одлука за помош на ова тетовско семејство.

Фото: МИА