Тригодишно дете од Кавадарци трагично го загуби животот на пат кон скопските клиники, а неговите родители сега бараат надлежните институции да испитаат дали станува збор за лекарска грешка.
– Во понеделникот рано наутро, околу 2:40 часот, сопругата ме разбуди со детето во раце. Беше омалаксано, едвај дишеше. Веднаш побаравме медицинска помош во Кавадарци, но мислам дека ситуацијата не беше сфатена доволно сериозно. Детето почина на пат кон Скопје, ни почина во раце. Бараме да се формира комисија која ќе ги испита сите околности, изјави таткото Тони Стојанов за „МИА“..
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, детето било донесено без знаци на живот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Неговата мајка изјавила дека по посетата на Општата болница во Кавадарци, лекарите ги упатиле на Клиниката за детски болести во Скопје. Смртта била констатирана во 8:45 часот. Медиумите се обидоа да добијат официјални изјави од здравствените установи, но засега нема одговор од ниту една од контактираните страни.
Родителите се со скршени срца и очекуваат институциите да ја разјаснат причината за смртта и евентуалната одговорност, со надеж дека оваа трагедија нема да се повтори кај друго семејство.