Најголемиот стаклен замок во светот, вреден околу 65.000 евра, кој беше експонат во музејот на стакло во Шангај, беше уништен од две момчиња, а медиумите наведуваат дека родителите ја презеле одговорноста да ја надоместат штетата направена од нивните деца кои се искачиле на заштитната ограда и се туркале околу просториите на музејот.
Замокот Фантази, моделиран по замокот на Пепелашка, најголемата атракција во познатиот Дизни свет на Флорида, а ист таков постои и во Токио, беше подарок за музејот.
Го изработи Шпанецот Мигел Арибас, кому му требало повеќе од 500 часа за да направи замок украсен со злато.
Беше тежок 60 килограми и се состоеше од повеќе од половина милион стаклени парчиња, пренесува британски Мирор.
Музејот го доби на подарок по повод пет години постоење, од браќата Арибас кои имаат работилница за производство на стакло и кристални украси кои се продаваат во парковите Дизни ширум светот.
Музејот изјави дека тие ги информирале Арибас за штетата што ја направиле децата на 30 мај, но тој не можел да дојде во Шангај поради коронавирусот и да види дали и што може да се спаси.