
Германската канцеларка Ангела Меркел во четвртокот објави натамошно укинување на ограничувањата наметнати поради епидемијата од коронавирусот, вклучително и отворање на детски игралишта, културни институции и верски објекти.
„Се согласивме дека може да се отворат игралишта, музеи, зоолошките и ботаничките градини. Но, конечната одлука останува на сојузните земји“, рече Меркел по телеконференцијата на владата и премиерите на сојузните провинции.
Истото важи и за религиозните собири, така што мисите можат повторно да се служат со задолжително почитување на правилата за простор и хигиена.
Меркел најави дека по состанокот следната недела, надлежните министри ќе работат на концепти за тоа како постепено да се отвораат угостителски објекти, но тоа ќе зависи од развојот на епидемијата.
Додека не се најде вакцина, останува целта да се намали бројот на новозаразени на мерката што не ја загрозува ефикасноста на системот за здравствена заштита.
„Ова досега ни тргна од рака. Но, ако кривата оди нагоре, ние мора да можеме да реагираме брзо и да ги заостриме мерките“, предупреди Меркел.
Владата и премиерите на сојузните покраини ќе разговараат за ново олабавување на мерките на 6 мај.