Девет Американци убиени во Израел; Убиени или исчезнати 10 Британци

од Vladimir Zorba
165 прегледи

Соединетите Држави објавија во понеделникот дека во невиден напад на Хамас врз Израел во саботата загинаа девет Американци, а уште неколку американски државјани се водат како исчезнати, додека Велика Британија стравува за повеќе од 10 нејзини граѓани во Израел.

Припадниците на исламистичката група Хамас убија 700 израелски граѓани во жестокиот напад на израелските градови во саботата, и киднапираа десетици од нив.

„Во овој момент можеме да потврдиме дека девет американски државјани се убиени во нападот“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер. „Можеме да потврдиме и дека има исчезнати американски државјани. Работиме со израелските партнери за да утврдиме каде се наоѓаат“, додаде тој.

И портпаролот на одделот за национална безбедност ја потврди информацијата за смртта на девет американски државјани, но тие се уште не се идентификувани.

Израел одговори со напади врз Газа, при што загинаа стотици Палестинци.

Се стравува дека повеќе од 10 британски државјани се мртви или исчезнати во нападот врз Израел, објави во понеделникот Би-Би-Си, повикувајќи се на официјални извори.

Британското Министерство за надворешни работи одби да ги коментира информациите.

Израелската амбасада во Лондон во неделата извести дека маж роден во Лондон, кој служел во израелската армија, бил убиен во напад на границата со Газа во саботата. Ова го потврди и неговото семејство.

Амбасадата објави и дека еден британски државјанин исчезнал во нападот во саботата.

Слични содржини