Девет милиони евра европска поддршка за македонската Армија

од Nikola Popovski
195 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на словенечката организација за унапредување на човековата безбедност – ИТФ, амбасадорот Томаж Ловренчич, како агенција која ќе го имплементира проектот на Европскиот мировен фонд за поддршка на Армијата со 9 милиони евра, денеска го потпишаа Меморандумот за разбирање, со што се означи и стартот на имплементацијата на овој проект кој значително ќе придонесе кон развојот на армиските капацитети. На потпишувањето на Меморандумот присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир.

По потпишувањето на Меморандумот, министерката Петровска порача дека поддршката од девет милиони евра е наменета за Лесната пешадиска баталјонска група и ќе се користи исклучиво во оваа армиска единица, а средствата ќе бидат искористени за набавка на логистичка, медицинска, инженериска и опрема за изведување на обуки, комуникациско-информациски системи и за разузнавачки капацитети.

„Оваа поддршка од Европската Унија за македонската Армија и одбраната ја потврдува поддршката на Унијата во остварување на нашата стратешка цел, тоа е членството на Република Северна Македонија во Европската Унија “, рече министерката и додаде дека исклучително важни се и позитивните оценки од Европската комисија која за поглавјето 31 јасно нотираше добро ниво на подготвеност и добар напредок во однос на усогласувањето на земјата со надворешната и безбедносна политика на Унијата.

„Унијата го цени придонесот на Армијата во мисиите и операциите кои се водени од ЕУ низ светот. На овој начин ЕУ покажува дека кога ги спроведуваме реформите, кога напредокот е видлив и јасен, европската поддршка нема да изостане “ рече Петровска и додаде дека Република Северна Mакедонија останува посветена на исполнувањето на својата втора стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.

Евроамбасадорот Гир порача дека Северна Македонија ја покажа и докажа нејзината посветеност во заедничките цели и нејзината усогласеност со Европската заедничка и безбедносна политика, преку учество во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина, мисијата во Централнo Африканската Република, придонесот на Балканските наменски медицински сили, при што го поздрави и учеството во мисиите предводени од НАТО – КФОР во Косово, мисијата во Ирак, Унапреденото засилено присуство во Балтикот. Ова е еден од првите придонеси од страна на Европскиот мировен фонд кој ќе и помогне на Армијата да стане уште поагилна и на тој начин ќе даде придонес во зголемување на нејзиното учество во мировните операции во рамките на заедничката надворешна и одбранбена политика – рече Гир.

Амбасадорот Ловренчич истакна дека Европскиот мировен фонд како инструмент за прв пат е достапен во овој регион и ќе биде еден пример за другите земји, како и дека планираните активности се веќе започнати. Во следните неколку месеци и следната година се очекува реализација на набавка и испорака на опремата, што ќе биде видлив приказ на посветеноста на Европската Унија и зајакнатото партнерство со Северна Македонија.

Поддршката од 9 милиони евра е наменета за набавка на логистичка опрема, медицинска опрема, комуникациско-информациски системи, разузнавачки капацитети, инженериска опрема и опрема за изведување на обуки за потребите на Лесната пешадиска баталјонска група на Армијата. Опремата која ќе се набавува преку ИТФ е координирана со професионалци во Армијата, што е гарант дека таа ќе биде во согласност со нашите потреби и највисоките НАТО стандарди.

Слични содржини