На листата на Топ 100 највредни компании во светот, како и претходните години, доминираат американски технолошки компании, покажува студијата на ревизорската и консултантска куќа EY.
На прво место е Apple, со пазарна вредност од околу 3,78 трилиони долари заклучно со 31.12.2024 година, следен од производителот на чипови Nvidia, вреден 3,28 трилиони долари и Microsoft, со 3,13 трилиони долари.
Бумот на вештачката интелигенција придонесува за фактот дека САД остануваат неприкосновени на берзата – 62 од 100-те највредни компании во светот се со седиште во САД.
Американските компании сочинуваат девет од десетте највредни фирми, вклучувајќи ги Alphabet, Google, Amazon и Meta (Facebook). Само нафтената компанија Saudi Aramco, на шестото место, ја „крши“ доминацијата на американските компании.
Берзите продолжуваат да бидат водени од порастот на вештачката интелигенција, која ја поттикнува вредноста на технолошките компании на глобално ниво, изјави Хенрик Алерс, извршен директор на EY.
Минатата година само три германски концерни SAP, Siemens и Deutsche Telekom се најдоа меѓу 100-те највредни компании на светската берза, пишува ДПА.
Слабата економија и геополитичките кризи се чини дека се во втор план. Меѓу 100-те највредни компании се и 24 технолошки компании, од кои 17 се од Америка.
SAP, највредната компанија на најважниот германски берзански индекс DAX, има корист и од бумот на вештачката интелигенција, која со пазарна вредност од 285 милијарди долари скокна на 32 место на листата. На крајот на 2023 година беше на 62. место. Siemens е на 94. место со 153 милијарди долари, додека Deutsche Telekom е на 98. место со 147 милијарди долари.
Тоа покажува благ позитивен тренд. На крајот на 2023 година, само две германски компании беа во Топ 100, додека во 2022 година немаше ниту една.
Во споредба со американските гиганти, германските претставници изгледаат како џуџиња. Според EY, само Apple со своите 3,8 трилиони долари вреди речиси двојно повеќе од сите 40 компании на индексот DAX.
Покрај тоа, бројот на германски фирми меѓу 300-те највредни компании во светот падна на пет – во споредба со 11 на крајот на 2023 година. Поради кризата во автомобилската индустрија, поранешните претставници како Porsche, Mercedes, Volkswagen и BMW изгубија значителна пазарна вредност.
Генерално, Европа – како и Азија – заостанува зад Америка на берзата. Меѓу 100-те највредни компании, само 18 се со седиште во Европа, на чело со данската фармацевтска компанија Novo Nordisk на 14-то место, пишува Biznis.rs.
Уште во 2007 година, пред светската финансиска криза, 46 од 100-те највредни компании во светот беа со седиште во Европа, додека само 32 беа во САД.
„Во Европа сè уште доминираат традиционалните индустриски гранки, кои моментално се во процес на длабоки трансформации и се соочуваат со слаба глобална побарувачка“, вели Алерс.
Спротивно на тоа, Европа игра споредна улога во областа на вештачката интелигенција и воопшто во дигиталниот сектор. „Со оглед на брзиот развој во овој сектор, постои сериозен ризик дека сè повеќе ќе го губиме темпото“.