Девет Руси уапсено во Полска поради шпионажа, цел им биле пратките на оружје за Украина

од Stefanija Kuzmanovska
153 прегледи

Девет лица се уапсени во Полска, од кои тројца во средата, осомничени за шпионажа во корист на Русија, кои подготвувале и диверзии за да ја парализираат испораката на оружје за Украина преку Полска, соопшти денеска полскиот министер за внатрешни работи и администрација, Мариуш Камињски.

„Станува збор за странски државјани од земји надвор од нашите источни граници. Во соработка со руските специјални служби, тие собираа разузнавачки податоци против Полска и подготвуваа диверзии за да ја парализираат испораката на оружје за Украина“, изјави денеска Камињски во куса изјава за медиумите.

Шест странци осомничени за шпионажа во таа организирана група веќе се во притвор, а останатите тројца вчера беа уапсени и за нив обвинителството бара притвор од судот.

„Меѓу другото, го следеле железничкиот сообраќај на пругите и транспортот на оружје во Украина. Запленети се камери, електронска опрема и ГПС, кои сакале да ги стават во возовите со испораки за Украина. Групата имала задача и да дејствува со пропаганда и дестабилизирачки односи со Украина и со другите земји членки на НАТО“, рече Камињски.

Полскиот министер за внатрешни работи соопшти дека за завршените задачи добиле пари од руските служби.

Полското приватно радио RMF FM во средата од неофицијални извори извести дека Агенцијата за внатрешна безбедност уапсила шест лица и разбила проруска шпионска мрежа која инсталирала камери и собирала податоци за сообраќајот на полските железници кон Украина и околу аеродромот Јашонка во Жешов на југот на Полска, која е главниот јазол преку кој западната помош, како во оружје, така и во хуманитарна помош, оди во Украина.

Наодите на медиумите денеска ги потврдија министерот за одбрана Маријуш Блашчак и министерот за внатрешни работи Маријуш Камињски.

Слични содржини