Наспроти зголемувањето на бројот на странски и домашни туристи, во првите девет месеци од 2015 година имаме пад на девизниот ефект за 25 проценти, во однос на истиот период во 2014 година.
– Од кога започнаа субвенциите за странските тур-оператори од 2010 до 2014 година имавме постојан раст на девизните ефекти од туристите, што не беше случај за првите девет месеци лани. Исто така зголемувањето на бројот на домашни туристи во однос на странските е многу помало, што е загрижувачко, бидејќи тие се важен дел од работењето на овој сектор – изјави Даниела Михајловска Василевска од Стопанска комора.
Според статистичките податоци, лани кај домашните туристи има раст од 6,5 проценти, а кај странците зголемувањето е за 14,2 проценти. Бројот на ноќевања во истиот споредбен период кај домашните туристи е зголемен за шест проценти, а кај странските за 12,3 проценти.
Причината за помалиот број на домашни од странски туристи, хотелските работници ја гледаат во паѓање на стандардот, пополнување на капацитетите со странски туристи како и неевиденцијата во апартманите кои не се регистрирани, а се издаваат на странските и домашните гости.
Претрес во седиштето на Карфур во Франција
Во структурата на обемот на промет, расте прометот од храна и пијалоци, а опаѓа од прометот на ноќевања, што е загрижувачки податок за хотелските работници.
– Поради намалениот број на домашни туристи и ниските цени, капацитетите се на работ на рентабилноста што би значело неможност за инвестирање и подобрување на понудата. Под притисок на зголемен обем на странски гости, од хотелските капацитети се бара да ги симнуваат цените на многу ниско ниво – додаде Михајловска Василевска.
Од Здружението на угостителство и туризам се жалат и на нелојалната конкуренција од хотелските објекти, хостели кои се нудат преку сајтот „букинг ком“ (booking.com) поради несоодветната категоризација која не е според критериумите на Министерството за економија.
Неплатените туристички такси, како и непријавувањето на туристите од одредени приватни сместувачки капацитети, исто така беа посочени како проблеми.
Туристичките работници бараат стимулирање на растот на домашни туристи на годишно ниво. До сега, државата дала 10 милиони евра за субвенции на странските тур-оператори.
