На денешен ден  8 март

Untitled12

1500.- Од Лисабон отплови португалскиот морепловец Педро Алварес Кабрал (1460-1526), кој на патот за Индија одалечувајќи се со своите бродовите од африканскиот брег во правецот кон Запад, кон копното на Јужна Америка, го откри Бразил, прогласувајќи го за португалска колонија.

1714.- Во Вајмак е роден Карл Филип Емануел Бах (син и ученик на Јохан Себастијан Бах), германски композитор. Компонираше симфонии, клавирски концерти и стотина клавирски сонати. Умре во Хамбург, на 14 декември 1788 година.

1866.- Роден е рускиот физичар Пјотр Николаевич Лебедев, професор на Московскиот универзитет. Го проучуваше притисокот на светлината, докажувајќи дека постои механички импулс кај светлосниот зрак, што е од големо значење за вселенските појави.

1869.- Во Париз умре Хектор Берлиоз, француски композитор, творец на романтични музички дела и на француската модерна програмска музика. Изврши големо влијание на европската музика не само со своите композиции, туку и со своите статии и критики. Се смета за основач на музичкиот романтизам. Најпознати дела му се “Фантастична симфонија”, “Харолд во Италија”, “Бенвенуто Челини” и драмската легенда “Проклетството на Фауст”. Роден е во Париз, на 11 декември 1803 година.

1879.- Роден е германскиот хемичар и физичар Ото Хан, професор на универзитетите во Берлин и во Гетинген, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1944 година. Во 1957 година ја потпиша Гетингеншката декларација, одбивајќи да соработува во развојот на евентуалното западногерманско нуклеарно вооружување. Во 1938 година го докажа распаѓањето на радиумот, а во 1939 година заедно со Фриц Штрасман го откри нуклераното цепење на јадрото на уранот. Ги откри и радиоактивните елеметни на мезоториумот, радио-ториумот и заедно со Лиза Мајтнер протоактиниумот.

1895.- Родена е уругвајската писателка Хуанита Фернандес Морале, позната како Хуана Фернандес де Ибарбоуро, една од најистакнатите лирски поети во Јужна Америка, наречена „Хуана Америка“. Дела: збирка стихови „Дијамантски јазици“, „Див корен“, „Изгубена“, „Судбинска романса“.

1899.- Во Велики Крѓевац, кај Бјеловар, е роден Мато Ловрак, хрватски писател – раскажувач и романсиер, автор на голем број дела, главно за деца, кои се одликуваат со едноставност на раскажувањето и со интересна фабула. Меѓу најзначајните негови дела се „Дружината на Перо Џумката“, „Возот в снег“, „Зелениот остров“ и „Пријатели“.  Умре во Загреб, на 13 март 1974 година.

1904.- Германија го ублажи антиезуитскиот закон од 1872 година, дозволувајќи враќање на поедини припадници на овој римокатолички ред.

1907.- Роден е грчкиот државник Константин Караманлис, претседател на Грција од 1980 до 1985 година, основач на партијата „Нова демократија“. Првпат стана претседател на влада во 1955 и на оваа позиција остана до 1963 година, кога и доброволно емигрираше. Повторно состави влада во 1974 година, по падот на воената хунта, одигрувајќи клучна улога во обновата на грчката демократија.

1910.- Врз основа на одлуката на Втората меѓународна конференција на жените социјалистки, одржана во Копенхаген, Данска, во август 1910 година, 8 Март се слави секоја година како меѓународен Ден на жената. На оваа конференција по иницијатива на Клара Цеткин, беше решено 8 Март да се одбележува во спомен на демонстрациите на американските жени во 1903 година, кои се одржаа под паролата – Борба за општо право на глас.

1917.- Во Петроград (денешен Санкт Петербург) со немири и штрајкови почна Февруарската револуција. (Настанот се случи на 23 февруари според Јулијанскиот календар, кој тогаш беше на сила во Русија).

1917.- Умре Фердинанд Цепелин, германски генерал и конструктор на воздушни бродови (балони), според него наречени „цепелин“. Првиот воздушен брод летна на 3 јули 1900 година. Роден е на 8 јули 1838 година.

1921.- Француските трупи влегоа во Дизелдорф и во другите градови во Руру  бидејќи Германија не ги подмири воените штети според обврската од Версајскиот договор како поразена страна во Првата светска војна.

1921.- Во Мадрид анархистите го убија претседателот на шпанската влада Едуардо Дата.

1930.- Умре американскиот државник Вилијам Хауард Тафт, претседател на САД од 1909 до 1913 година, прв поранешен шеф на државата во американската историја кој од 1921 година до смртта беше претседател на Врховниот суд. Во текот на претседателскиот мандат  воено интервернираше во Никарагва, која потоа беше под американска окупација од 1912 до 1925 и од 1926 до 1933 година.

1931.- Русија и Турција потпишаа спогодба за намалување на поморските сили во Црно Море.

1942.- Умре кубанскиот велемајстор Хосе Раул Капабланка и Грауперо, светски првак во шах од 1921 до 1927 година. Загуби само една партија во периодот 1914-1924 година, по што е единствен во шаховската историја. Титуталата ја освои со победа на натпреварот со германскиот велемајстор Емануел Ласкер со 4:0, со 10 реми, а загуби од рускиот велемајстор Александар Аљехин, кој го победи со 6:3, со 25 реми. Дела: „Основи на шахот“, „Мојата шаховска кариера“.

1942.- Јапонските трупи во Втората светска војна го зазедоа главниот град на Бурма, Рангун. Во војната Бурма имаше исклучително стратешко значење.

1945.- Во Скопје првпат е прославен Денот на жената. По тој повод во салата на Офицерскиот дом се одржа голем митинг.

1946.- Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија донесе Закон за измена на името на Демократска Федерална Македонија. Според член 1 од овој Закон и врз основа на член 2 од Уставот на Федеративна Народна Република Југославија, името на Демократска Федерална Македонија се изменува и гласи: Народна Република Македонија. Според член 2 од истиот Закон имињата Народно собрание на Македонија, Президиум на Народното собрание на Македонија и Народна влада на Македонија, се изменуваат и гласат: Народно собрание на Народна Република Македонија, Президиум на Народното собрание на Народна Република Македонија и Влада на Народна Република Македонија.

1950.- Советскиот маршал Климент Ворошилов објави дека Советскиот Сојуз  изврши проба на атомска бомба, што предизвика шок во САД, бидејќи Американците беа уверени дека единствено тие поседуваат нуклеарно оружје. Голема паника во Вашингтон предизвика и изјавата на Ворошилов дека пробата била извршена уште на 23 септември 1949 година.

1954.- Склучен е одбранбениот договор меѓу САД и Јапонија, со што Токио потполно се приклучи кон западниот политичко-воен сојуз.

1957.- Гана е примена за членка на ООН.

1965.- Во Јужен Виетнам беа распоредени 3.500 американски маринци, со што почна масовното вклучување на американските копнени трупи во виетнамската воена авантура која заврши со целосен пораз во 1975 година и со загуба на повеќе од 58.000 Американци.

1965.- Во Скопје, на ракометното игралиште „Пролет“ се одигра првиот турнир во мал фудбал. Во конкуренција на шест екипи, првото место го освои ФАС „11 Октомври“.

1971.- Умре американскиот филмски глумец Харолд Лојд, еден од најголемите комичари на немиот филм. Филмови: „Сигурноста на последно место“, Бруцош“, „Чувај се, професоре“.

1983.- Умре англискиот композитор Вилијам Тарнер Волтон, творец на чувствителна и лирска музика со неоромантичен стил. Особено е значаен по оркестарските композиции, кои се одликуваат со долга мелодиска линија, богата со хармонија и сложен ритам. Дела: мелодрамата „Фасада“, „Концерт за виолина“.

1991.- Радио Скопје почна да емитува програма на влашки јазик.

1993.- Јужнокорејскиот претседател Ким Јонг Сам смени двајца клучни генерали лојални на претходниот воен режим во настојување да ја зацврсти цивилната контрола врз армијата.

1996.- Заврши неуспешниот мировен мандат на Обединетите нации во Руанда.

1999.- Умре американскиот спортист Џо Ди Маѓо, легендарен бејзбол играч во њујоршкиот „Јенки“.

2000.- Во Кина е погубен поранешниот провинцијален вицегувернер Ху Чангчинг поради подмитување. Тој е највисокиот функционер погубен во оваа земја за последните 50-ина години.

2001.- Тричлениот совет на чилеанскиот апелационен суд со 2:1 пресуди дека на поранешниот диктатор Аугусто Пиноче може да му се суди за кршење на човековите права по воениот удар кој го изведе во 1973 година во кој е убиен демократски избраниот шеф на државата Славадор Аљенде.

2003.- Убиен е еден од основачите и водач на оруженото крило на палестинското исламистичко движење „Хамас“ – Ибрахим ел Макадма. Во ракетниот напад на израелскиот хеликоптер на Макадминото возило во појасот Газа беа убиени и тројца негови телохранители.

2005.- Во акцијата на специјалната руска полиција во северен Кавказ, во местото Толстој-Јурт, е убиен Аслан Масхадов, водач на чеченските сепаратисти, еден од најзлогласните терористи на просторите на поранешниот Советски Сојуз.

2005.- Сириските трупи почнаа со повлекување од Либан, по сириско-либанскиот воен договор чии детали се договорени еден ден порано при средбата во Дамаск на сирискиот претседател Рашид ел Асад со својот либански колега Емил Лахуд.

2007.- Израелскиот министер за здравство Јакоб Бен-Јизри потврди дека во болниците во Израел е присутна смртоносна бактерија, и дека од почетокот на годината до тогаш предизвика смрт кај 200 луѓе. Се верува дека во прашање е бактеријата „Klebsiella pneumoniae“, една од најотпорните бактерии на антибиотици, безопасна за здравите луѓе, но фатална за пациентите со заслабен имунитет.

Избор МИА

Слични содржини