Чесно и доблесно беше по чекање од два часа за почнување на оваа седница, барем да се извините на пратениците. Оваа седница беше закажана и имаше 63 точки на дневен ред. Бидејќи Закони стигнуваат и после закажувањето на седницата, по 13 часот, не знам колку точки на дневен ред ќе има, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната собраниска седница, откако половина од пратеничката група на опозицијата не се појави на седницата.
„Срамота е да од 70 и неколку точки на дневен ред, триесетина да бидат во скратена постапка и притоа ја задолжуваме држава со 296 милиони евра по скратена постапка. Расипништво е ова што го прави Владата денес, затоа што за неполн месец, државата ја задолживте за над 900 милилиони евра, а тоа да велите дека не е обемен Закон“, рече Мицевски.
Координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека без материјали тешко ќе се тера седницата без материјали, додавајќи дека со тоа се симнувало нивото на Законодавниот дом.
„Активностите се пролонгираа два часа, но факт е дека ниту една од поднесените точки со кои е дополнет дневниот ред, не биле воведени по 12 часот, бидејќи одлуките за дополнување на дневниот ред беа уште од 9 часот наутро. Материјалите им се распределени на пратениците во електронска форма. Се согласувам дека има голем број на Закони по скратена постапка и лично сум кажувал дека не се согласувам со тоа. Одреден нацрт-закон да помине со скратена постапка е мнозинства одлука, но тоа е за интересот на земјата. Претпоставувам дека власта одлучила дека тоа е за доброто на земјата“, му возврати собранискиот спикер, Талат Џафери.
Мицевски истакна дека за Договорот за заем за наводнување, земен од КФ банката, пратениците електронски беа известени во 14:05 часот.
„За да биде поголема иронијата, Владата ги усвоила на 3.12.2019 г. Осум дена патува оваа одлука на Владата. Не само тој, туку и еден куп други стигнаа подоцна“, рече тој.
Според претседателот на Собранието, материјалот е примен во 10 часот, а на електронската пошта е закачен во 12:09 часот, повикувајќи го да провери кај службите и да се увери.
Координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, рече дека до 12 часот биле закажани 63 точки за кои пратениците се подготвувале и повторно рече дека материјалите ги одиле во 14 часот.
А.Т.