Денес, во Собранието на Република Северна Македонија, се одржа средба меѓу претседателот на Собранието, Талат Џафери и Мемли Красниќи, претседател на Демократската партија на Косово.
На средбата, претседателот Џафери се осврна на актуелната политичка ситуација во државата и го запозна гостинот со тековните активности на Собранието, нагласувајќи ја важноста од постојаната комуникација со опозицијата и одговорноста што опозицијата ја има за напредокот на државата, подвлекувајќи ја улогата на претседателите на комисиите и нивната улога во процесот на донесување закони, кои пред се се придобивка за граѓаните.
Во однос на билатералната соработка, Џафери подвелече дека билатералните односи се карактеризират со меѓусебна поддршка и почитување, отворен и конструктивен дијалог. Доказ за тоа се бројните меѓусебни посети и средби на претставници од двете пријателски земји и одржувањето на заедничките седници на владите на Северна Македонија и на Косово.
Во сферата на мултилатерална соработка, претседателот Џафери истакна дека Република Северна Македонија има афирмативен став за пристапување на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални иницијативи и форуми.
„Република Северна Македонија го поддржува дијалогот Приштина – Белград во насока на постигнување конечен, взаемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост.“ – нагласи Џафери.
Красниќи се заблагодари за можноста да се сретне со претседателот Џафери, во рамки на неговата посета да Република Северна Македонија, и да ги продолжат разговорите кои ги започнаа на средбите во текот на официјалната посета на Џафери на Република Косово. Красниќи истакна дека слободата на движење на граѓаните и добрата, можностите за отворање бизниси во двете држави и генерално добрите бизнис можности се суштината на односите меѓу Косово и Македонија, а истите секако произлегуваат од солидните темели во форма на закони и регулативи кои ги усвојува Собранието. Во однос на безбедноста и стабилноста на регионот, Красниќи нагласи дека ефектот на отворањето на пристапните преговори со Европската Унија се чувствува и во Република Косово, затоа што пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Унијата ќе значи поголема безбедност, стабилност не само за двете држави туку и за Регионот.
Соговорниците се согласија дека заедничките стратешки определби и цели на двете држави во однос на надворешната политика, даваат гаранција дека ќе продолжи праксата на негување на добрососедските односи.