Џафери: Меѓународниот правен поредок – превенција за спорови меѓу државите

од Vladimir Zorba
267 прегледи

Меѓународниот правен поредок, заснован на сеопфатна правно обврзувачкa глобална рамка е насушна потреба која произлегла од потребата од превенција на идно настанување на правни спорови помеѓу државите, спречување на стравотни воени злосторства и злосторства против човештвото, против окупаторски дејствија, од потребата за иницирање на казнивост и понесување одговорност за нехумани дела, порача претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери во обраќањето на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија на тема „Зајакнување на меѓународното право: Улогата и механизмите на парламентите и придонесот во регионалната соработка“.

Потпишувањето на Повелбата на ОН, обврзувањето и посветеноста кон принципите и целите на меѓународните закони и правда и владеењето на правото базирано токму на тоа меѓународно право, рече Џафери, не е само празна флоскула, туку тоа е гаранција за мирот и безбедноста во светот. Зачувувањето на тој мир и обезбедувањето на достоинствени услови за живот е елементарно право на секој човек.

– Како и многупати претходно, така и овој пат, концептот на ова меѓународно Собрание ја потврдува својата неопходна и значајна улога во адресирањето на прашањата кои се од взаемен интерес на нашите граѓани, државите и регионите. Мисијата на Интерпарламентарната унија е промовирање на демократското владеење, градење демократски институции и вредности за доброто на граѓаните и се разбира дека националните парламенти, како дел од оваа глобална организација, ги споделуваат истите цели, затоа што законодавните домови се природната средина на граѓаните, нивниот дом, местото каде се артикулираат нивните демократски права и аспирации, местото каде што нивниот глас се слуша и почитува, рече Џафери.

Според него, потребна е хармонизација на законската рамка и ревносно почитување на меѓународно признатите и потпишани договори при што не мислам на почитување само заради форма туку, конкретно спроведување на терен, со редовно вршење на надзор над спроведувањето во практика на законските одредби.

– Република Северна Македонија работи многу на полето на унапредување и зајакнување на добрососедските односи и веруваме дека, само искрениот пристап кон недоразбирањата и отворените прашања, и водењето на политички дијалог до исцрпување на сите можности, може да доведе до прифатлив компромис за страните. Како резултат на тој несебичен ангажман беше потпишувањето на двата договори, односно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и Договорот со Република Грција со кој се надмина долгогодишниот спор кој што не кочеше во постигнувањето на нашите стратешки цели односно интегрирањето во НАТО и ЕУ. Сега тој процес е деблокиран и очекуваме до крајот на годината да станеме 30-та полноправна членка на НАТО, а од денеска до 18 октомври сме во очекување на позитивна одлука од Советот на ЕУ, односно да определи датум за отпочнување на пристапните преговори, вели тој.

Градењето силни, демократски парламенти, основните законодавни, надзорни, буџетски и репрезентативни функции, смета Џафери, се од суштинско значење за квалитетот на целокупното управување на една земја.

– Со несебичната помош на нашите меѓународни пријатели, меѓутоа и во постојана координација со Владата, направени се подготовки и формирана е работна група која ќе работи во насока на подготовка на законската рамка за финансиска независност на Собранието и независна служба на Собранието. Претходно се направени и подготовки во насока на градење на капацитети кои ќе бидат поддршка и консултанти на овие процеси. Покрај ова, третата крајна цел е независно обезбедување на законодавниот дом. Мислам дека сето ова е одлична основа за овозможување на функционалноста на Собранието, и веродостојното почитување на основните функции на Собранието, односно законодавната, надзорната, буџетската и репрезентативната. Само така ќе можеме и вистински да бидеме сервис на граѓаните и ќе може да придонесеме за мир и развој, истакна претседателот на Собранието.

Тој додаде дека Парламентот е отворен кон секоја граѓанска иницијатива и платформа која ги адресира прашањата кои се од витален интерес за сите како што се, мирот, демократијата, човековите права, родовата еднаквост, градењето младински политики за подобар живот и развој на младите, и политики за одржлив развој преку отворен политички дијалог, соработка и акција.

Политичкиот дијалог, рече Џафери, е есенцијален и тој се одвива пред очите на јавноста и затоа работиме многу и во насока на подигнување на нивото на политички дијалог, градење консензус меѓу спротивставените политички страни и заедничко, силно адресирање на сите прашања кои ги тиштат граѓаните и воедно го оневозможуваат вистинскиот раст, развој и напредок на државата.

Слични содржини