На состанокот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент (АФЕТ) во моето обраќање го истакнав државниот став дека договорната рамка со Република Бугарија дава соодветна основа за натамошна соработка и дека сме подготвени да ја надминеме ситуацијата согласно меѓународните стандарди, објави претседателот на Собранието, Талат Џафери на својот Фејсбук профил.
Според него, секое одложување на почетокот на преговорите со ЕУ ќе се одрази на социо – економската состојба во државата, но и ќе има силно влијание на Регионот.
-За нас, вашата поддршка за постигнатите резултати и укажувања на областите во кои е потребен дополнителен напредок наведени во Резолуцијата која како Парламент ја донесувате секоја година, заедно со Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија на Европската комисија и Заклучоците на Европскиот совет, претставуваат основа за продолжување со нашите реформски напори за исполнување на потребните критериуми за членство во Е“, рече Џафери.
Додаде дека Република Северна Македонија во изминатата декада се најде во еден исклучително сензитивен период, на внатрешен и на надворешен план. Според него, во однос на европските интеграции, земјата постигна импресивен напредок во приоритетните области, кој од темел промени одредени сектори во нашето општество и значително ги унапреди односите со соседите за надминување на отворените прашања. Нивното решавање, како што рече Џафери, бараше дипломатичност, смиреност и отстапки кои беа поздравени од сите наши стратешки пријатели во Европската унија и Соединетите Американски Држави. Таа посветеност придонесе за добивање зелено светло од страна на Советот на Европската унија за отпочнување на преговори за членство. За жал, како што изјави, наместо преговори сега се соочуваме со застој заради одредени билатерални барања. Наш став е дека договорната рамка со Република Бугарија дава соодветна основа за понатамошна соработка и ние сме подготвени за надминување на ситуацијата согласно меѓународните стандарди, додаде тој.