Утрешната седница се долга на неопределен рок, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери кој одржа прес-конференција откако на редовна понеделничка средба со координаторите на пратеничките групи не бил постигнат договор за работата на Парламентот и утрешната седница, на која на дневен ред се закони поврзани со мерките за справување со Кодив-19.
Џафери обвини дека опозицијата ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на Ковид-19, и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, имаше услов за да се обезбеди кворум на утрешната седница.Условот е од 30-те точки кои се предвидени да бидат на дневен ред, на истиот дневен ред да останат точките 1, 9, 10 и 11, а другите да се тргнат од дневен ред. Прво тоа е процедурално невозможно, затоа што седницата која е свикана која е свикана со точките на дневен ред, и со решенија за дополна на истата и укажав дека нема да дозволам ултиматуми или условувања “, рече Џафери.
Координаторот Никола Мицевски рече дека предложиле на посебна седница да бидат одделени и ставени: Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата; Предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза, февруари и март 2021 година; Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата од КОВИД-19 заради исплата на платите за февруари и март 2021 година и Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на личен доход. Како што рече, тоа го предложиле откако денеска на редовната координација станало јасно дека парламентарното мнозинство нема да има 61 пратеник на утрешната седница, а со цел да им се помогне на граѓаните и на стопанството зашто роковите за законите се одамна поминати.