Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери оствари денес работна средба со амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп.
На средбата, Џафери изрази благодарност за поддршката на Холандија во однос на политиката за проширување на ЕУ, и меѓудругото за поддршката за С.Македонија во процесот на спроведувањето на реформите.
Како што соопштија од прес службата на Собранието, Џафери во оваа средба изразил жалење за фактот што во текот на претседателството на Германија, С.Македонија не успеа да стигне до првата меѓувладина конференција.
„Нагласувајќи дека каналите за комуникација остануваат отворени и дијалогот меѓу двете држави продолжува, Џафери изрази надеж дека во претстојниот период разликите ќе бидат надминати. Тој потенцираше дека владејачкото мнозинство формирано по изборите во јули, останува целосно посветено на европската агенда и продолжува интензивно да работи на реализација на сите активности за европеизација на земјата и нејзиното приближување кон евроатланските структури“, стои во соопштението од Собранието.
Меѓудругото, двајцата соговорници размениле мислења за одвивањето на законодавниот процес во услови на пандемија, а ја пофалија и добрата соработка меѓу двете држави во рамките на НАТО и меѓународните парламентарни организации како Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на OБСЕ и Интерпарламентарната унија.