Џафери: Пратениците да ги откажат сите не неопходни патувања со цел непречена работа на Собранието

од Vladimir Zorba
191 прегледи

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска по 79. собраниска седницата, која ја прекина поради немање кворум, одржа средба со дел од лидерите на политичките партии од владејачкото мнозинство.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери истакнал дека сите пратеници во Собранието се еднакви и ги претставуваат граѓаните кои ги избрале и им дале мандат.

– Со ваквото однесување се покажува дека за одредени пратеници, приоритет е нешто друго, а не практикување на мандатот којшто им е доверен од граѓаните, рече Џафери.

Тој кажал дека е секогаш подготвен седниците да ги започне на време, доколку пратениците се присутни во сала. Нагласил и дека доколку има какви било разлики во одредени ставови внатре во коалицијата, истите треба да се решат на друго ниво, не во пленарната сала.

Дополнително, Џафери нагласил и дека согласно Одлуката на претседателството, се наложува да се одложат и откажат сите службени и не неопходни приватни патувања на пратениците во текот на месец јули со цел непречено работење на Собранието.

На денешната 79. седница на Собранието свикана за во 11 часот, на списокот за присутни пратеници беа потпишани 85 пратеници, а во салата беа присутни 58 пратеници. Собранискиот спикер Џафери од пленарната сала ги повика пратениците да влезат во сала, за да може пленумот да продолжи со работа, при што, поради немање кворум, мораше да ја прекине седницата и ги повика сите лидери на политичките партии од владејачкото мнозинство на средба во неговиот кабинет.

Слични содржини