Претседателот на Собранието, Талат Џафери вечерва се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. На средбата Џафери изјавил е онемен за настаните што се случуваат во Украина.
-И покрај тоа што сум војник, и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот. Онемен и бесен. Бесен на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата. Растревожен сум од бројот на гробови чии леи не ги догледува човековото око, а видов само дел во Буча и Ирипин. Бесен што светот нема доволно силен глас да и каже стоп на оваа безумна инвазија, навел Џафери, изразувајќи најдлабоко сочувство до децата, родителите, жените и мажите кои ги изгубија најмилите.
Џафери потенцирал дека лично ќе се заложи за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина.
-Фактот што сум во Украина, им дава уште поголема тежина на моите активности како претседател на законодавниот дом кој што е седиште на демократијата и институција во која се донесуваат клучни државни одлуки.
Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас.
Иако имам тешкотија да ве погледнам во очи, ќе ви посакам да сте силни и истрајни до слобода на Украина и украинскиот народ! Ви благодарам на вниманието!, заклучил Џафери во разговорот со Зеленски.