Џафери: Собранието е самораспуштено и не може да се свикува, не смееме да правиме преседан

од Aleksandar Petrovski
155 прегледи

Пратениците не може да се вратат во Собранието, зашто го вратија мандатот. Не можат веќе да носат и одлуки во име на граѓаните. Јас сум се уште пратеник, но немам право да донесувам одлуки од име на граѓаните. Воедно сум и претседател на Парламентот, но во заминување и со ограничени надлежности. Го претставувам Собранието само административно, одлуки не носам, освен тековни, административни, рече Талат Џафери во вечерашното гостување на Телевизија 24.

-За граѓаните е битно дека има соодветна институција која може да одлучува и да работи во новонастанатата ситуација. Пратениците немаат мандат да одлучуваат, решиле да го вратат и да не одлучуваат во име на граѓаните. Собранието не може да се распушти со одложно дејство зашто Уставот поинаку вели. Не можам ниту да свикам Собрание кое се самораспуштило. Ако имаш мандат, може да го продолжиш, но ако немаш, што ќе продолжиш? Не смееме да направиме преседан, потенцира Џафери.

Според него, секој во државата, секоја инстутиција, треба да ја спроведува својата надлежност согласно законите и уставното уредување.

-Го читам Уставот не како што ми одговара, туку како што треба да се спроведе. Во постојано заседание е Собрание кое има мандат, а не оноа кое нема. Не ги мешајте статусните и административните права. Кога ќе се донесе одлука за самораспуштање, настапуваат роковите за организирање предвремени избори во рок од 60 дена, потенцира Џафери.

Дециден е и дека Собранието кое го изгласало за претседател, не изгласало и негово разрешување.

-Додека тоа не се случи, според законите и Уставот јас сум претседател, но со ограничени овластувања по однос на свикување на Собранието и организирање пленарна седница. Потпишувам од име на Собранието додека не ми престане функцијата претседател на која Собранието ме избрало. Тоа и треба да избере нов претседател, да верифицира мандат на нов состав и со тоа официјално престанува мојата функција, а ако не сум избран за пратеник престанува и таа категорија, подвлече Џафери.

Дополни и дека пратениците според Изборниот законик земаат плата до конситуирање на новиот состав.

-Во рамки на тие 60 дена, од конституирање на новиот состав, кога ќе биде тоа, секој поранешен пратеник има право или да се врати на работното место кое му мирува или да побара апанажа, рече Џафери.

Слични содржини