Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со европратениците Дачиан Чолос, претседател на Групата Обнови ја Европа и Илхан Ќучук, известител во Европскиот парламент за Република Северна Македонија.
Од кабинетот на претседателот на Собранието соопштија дека Џафери, на оваа средба изразил благодарност за донесувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент во октомври минатата година, со која се бара отпочнување на преговори за Република Северна Македонија и Република Албанија. Тој исто така го поздрави одржувањето на Конференцијата на претседатели на парламенти од Западен Балкан под покровителство на претседателот Сасоли, со која уште еднаш се докажаа напорите на Европскиот парламент да го заземе местото на претставник на граѓаните, особено во наметнувањето на своите одлуки врз европските институции.
Џафери го пофали и одржувањето на Жан Моне дијалогот и споделувањето на искуствата со европските пратеници, како значајна алатка за унапредување на парламентарниот политички дијалог во Собранието на Република Северна Македонија.
Европратеникот Чолос, информираат од Собранието, нагласил дека доаѓа во пријателска посета на Република Северна Македонија, со цел споделување на искуства и давање подрршка на нејзините евроинтегративни процеси.
Според него, преговорите не треба да бидат исклучиво политички, бирократски и административни, бидејќи интеграцијата е пред сѐ за доброто на граѓаните.
-Доколку Унијата сака одредена земја да се реформира и успешно да се интегрира во неа, таа не може земјата да ја држи настрана, туку мора да го отвори патот за интеграција и повеќе да ги вклучи младите во тој процес. Споделувањето на мислењата и искуствата од оваа посета ќе бидат соодветно пренесени не само во Европскиот парламент, туку и во Комисијата и Советот, истакна Чолос.
Тој го пофали претседателот Џафери за неговото водење на Собранието во текот на овој мандат, не само во однос на процесот на донесување закони, туку и во носењето на комплексни и тешки политички решенија.
Двајцата соговорници изразија надеж дека Република Северна Македонија наскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската унија, бидејќи тоа одамна го заслужила и дека граѓаните, и покрај сите тешкотии и застои, треба да се наградат за нивните децениски аспирации и нивната висока поддршка за членство во Унијата.