Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска е во посета на Украина, на покана на неговиот украински колега Руслан Стефанчук. Тој со воз преку Полска допатувал во Киев во текот на утринските часови.
-Ги посетив Ирпин и Хостомел. Војната има поинаков мирис на терен од оној на слика. Тишината е поинаква во воените зони, објави Џафери.
Тој потенцира дека го посетил и местото Буча, каде што беа пронајдени масовни гробници со убиени украински цивили.
-Моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Северна Македонија кон граѓаните на Украина. На нас од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме. Секако лично ќе се залагам овие слики да добијат право име кое што го заслужуваат, а тоа е геноцид и ништо поинаку, рече Џафери.
Во рамки на посетата Џафери ќе има и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.