Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 14:00 часот го закажа продолжението на 32-та седница, а по завршување на 32-та, ќе продолжи 36-тата, на која, меѓудругото треба да се гласа и за трите закони кои се однесуваат на петтиот пакет антикризни мерки.
Во четвртокот вечерта по двочасовна расправа Џафери ја прекина 32-та седница и најави дека е можно да предложи карантин за Собранието.
Имено, во четвртокот до доцна вечерта траеше жолчната расправа во Собранието. Координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Парламентот повеќе од два часа, преку процедурални забелешки, расправаа дали да се гласа за 21 точка од 32-та седница и потоа да продолжи 36-тата седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да продолжи 36 седница, на која се и три закони од петтиот пакет антикризни мерки.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради Ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум.