Не е важно дали Ковачевски ме познавал или не. Тоа не е драма. Важно е дека ние го познаваме. Знаеме кој е тој, од кое семејство потекнува и ние знаеме кои се неговите корени, вака бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски му одговори на македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Џамбаски во своето контроверзно и провокативно видео вели дека „Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите меѓу Заев и Борисов“.
-Носеше папки, вршеше бирократски работи. Тоа е задачата на исполнувачите на туѓа волја. Тој е фасада, ја исполнува агендата на Белград и Кремљ“, вели Џамбаски во објавено видео на неговата Фејсбук страница, во кое се прикажани наслови од македонски портали со изјавата на премиерот Ковачевски, меѓу кои и од „Локално“.
Џамбаски додаде дека Македонија нема никаква историја пред 1944-та година и повторно ја спори посебноста на македонскиот јазик. Тој покажуваше мапа на која Македонија е споена со Бугарија.
-Димитар Ковачевски тврди дека македонизмот бил изворен, но тој е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка иделогија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски. Ние Бугарите одлучуваме кои сте вие, не вие Димитар, ниту Белград или Кремљ. Македонија е бугарска и ќе биде, вели меѓу другото Џамбаски во своето видео, кое е исполнето со голем број навреди и говор на омраза.
Ковачевски пред недела дена изјави не го познава Џамбаски.
-Не знам кој е тој човек, така да кога ќе ја видам изјавата, ќе одговорам. Околу македонизмот, секогаш ќе го има, затоа што Македонците имаат своја историја, идентитет, зборуваме на македонски јазик и негуваме свои обичаи и сме граѓани и народ кој што до 2030 година ќе ја збогати ЕУ, рече Ковчевски како одговор на новинарско прашање.