Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски изјави дека премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, „се насмевнува задоволно“ во обраќањата до Бугарија и покажал „одвратна дрскост“ затоа што е убеден во поддршката на другите земји, додека некои земји од ЕУ се однесуваат лицемерно .
Тој го коментираше извештајот на Службата за национална безбедност на Бугарија, во кој се вели дека странски служби работеле против Бугарија заради нејзиниот став во врска со пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.
Нивната цел била да ја дискредитираат Бугарија и да ги спречат нејзините обиди за заштита на националните интереси.
Џамбаски оцени дека некои земји, како што е Хрватска, се однесуваат лицемерно.
„Се наоѓаме во понижувачка позиција кога треба да се правдаме пред Европа. Некои не ја разбираат нашата позиција, други не ја земаат во предвид, други шепотат во увото на Заев и СДСМ: „Ќе извршиме притисок врз Бугарија, ќе лобираме за вас на различни начини“. Сега зборувам за оние земји на ЕУ кои самите кријат валкани алишта, но се лицемерно вознемирени затоа што Бугарија влегува во „интимниот простор“ на Северна Македонија и го бара невозможното од неа“, напиша тој на Фејсбук.
Антибугарската титовска идеологија не само што не се негира, туку и се поздравува, додаде тој.