Џамбазов до оштетените штедачи: Кај ќе ни беше крајот, да се сите криминалци како мене…

од Nikola Popovski
495 прегледи

„Ех, да се сите криминалци како мене, кај ќе ни беше крајот… Точно е дека Друштвото „Брачна игра“ на 31.07.2017 година, зема кредит од Еуростандард банка во висина од 700.000 денари. Повторувам… денари. Милионите, ама во евра, ги земаа некои други. Кредитот беше земен по најрегуларен пат, како и многу други фирми од областа на културата кои се обидуваа не само да преживеат, туку и да создадат некаква вредност на уметничкиот пазар, и беше наменет за два нови проекти во театарот“, се огласи актерот Игор Џамбазов, откако денеска беше споменато неговото име од оштетените штедачи од Еуростандард банка, кои тврдат дека негова фирма зела неповратен кредит, од оваа банка која сега е под стечај.

Според него, НЕ Е ТОЧНО дека „Брачна игра“ не вратила ниту денар.

„Досега се вратени 324.736 денари. Значи, скоро половина. Тоа го кажуваат и документите што ни ги испрати банката. Треба да се врати остатокот, плус каматите. НЕ Е ТОЧНО дека Друштвото „Брачна игра“ во време на земањето на кредитот немала приходи и пливала во долгови. Работевме и повеќе од солидно, Фирмата имаше само еден долг кон една скопска фирма вклучена во еден од проектите, кој навистина не беше голем. Можеби колку една плата. Вториот долг е долгот кон банката. Друштвото „Брачна игра“ не е во стечај, за што постои и документ од Централниот регистар. Само што не функционира од веќе познатите причини, како и 90 проценти од фирмите“, напиша Џамбазов на социјалните мрежи.

Тој продолжува дека Кредитот бил враќан сè до крајот на 2019 година.

„Идејата ни беше да направиме нов проект, и во 2020 година од приходот, да си го вратиме долгот. Потоа дојде короната, и сè како застана. Но никој, никогаш не помислил на можноста кредитот да не се врати. Еве, и сега чекаме на одговор од банката за начинот на враќање, бидејќи добивме опомена преку писмо, дека треба да си го подмириме долгот, што е нормално. Постојат две опции: Договор со банката за продолжување на плаќање на кредитот, или комплетна отплата преку некоја друга банка, за што постои законска можност. Се надевам дека ова набргу ќе се случи, и оваа тажна приказна ќе заврши“, стои во објавата на актерот.

Оштетените штедачи денеска соопштија дека фирмата Брачна игра дооел, во сопственост и управување на Игор Џамбазов, е една од фирмите кои земале нeнаплатлив кредит од Еуростандард банка. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма нема платено ниту една рата 469 дена пред затворањето на банката, односно од 2019 година, се вели во денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи.

„Според билансите на фирмата, во годината кога е земен кредитот, фирмата немала ни приходи. Основана е во мај 2016 година, без вработени, со седиште во општина Карпош во Скопје и непаричен влог од 5 илјади евра. Во изминатите години од нејзиното основање, фирмата плива во долгови, со задолженост од околу 120 отсто. Без приходи, со меница како единствено обезбедување за земениот кредит, оваа фирма е сега кандидат за затворање како деловно неактивна“, стои во информацијата.

Слични содржини