Денес, светската јавност беше шокирана од веста дека сопругата на легендарниот Џон Траволта, Кели Престон, почина на 58-годишна возраст по двегодишна борба со рак на дојка. Од актерката на Инстаграм се збогува нејзиниот сопруг, како и нејзината 20-годишна ќерка Ела. Иако во текот на децениите на нивната врска, наидоа на разни проблеми, нивната љубов сепак опстана, сè додека смртта на Кели не ги раздели.
Џон Траволта и Кели Престон се запознаа во 1987 година, на сетот на комедијата „Експертите“, во време кога таа беше во брак со актерот Кевин Гејџ. Тие се венчаа во септември 1991 година.
За време на долгиот и среќен брак, тие имаа три деца: Џет, Ела и Бенџамин. Своето најстаро дете го загубија во 2009 година.
Американските медиуми утрово објавија дека, по две години лекување во тајност од рак на дојка, почина актерката Кели Престон, а оваа трагична вест ја потврди и нејзиниот сопруг.
„Со тешко срце ве известувам дека мојата убава сопруга ја загуби двегодишна битка со рак на дојка. Таа се бореше храбро заедно со нашата љубов и поддршка. Семејството засекогаш ќе биде благодарно на нејзините прекрасни лекари, како и на пријателите кои беа покрај неа. Секогаш ќе го паметиме животот на Кели полн со љубов“, рече Траволта.