Џонсон бара на Русија да ѝ се одземе организацијата на финалето во ЛШ

од Nikola Popovski

Британската влада денеска се придружи на повиците да и се одземе на Русија организацијата на финалниот натпревар од Лигата на шампионите оваа година, како казна за настаните во Украина.

Британскиот премиер Борис Џонсон изрази загриженост поради натпреварот закажан за 28 мај во Санкт Петербург.

Премиерот побара и од рускиот претседател Владимир Путин да не врши целосна инвазија на Украина.

Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека ја следи ситуацијата.

-УЕФА постојано и внимателно ја следи ситуацијата и во случај на потреба, секоја одлука би била донесена во догледно време, велат од европската куќа на фудбалот.

Неименуван извор изјавил дека највисоките претставници на УЕФА, предводени од претседателот Александар Чеферин, разговарале за актуелната политичка ситуација во Украина.

УЕФА мораше да го смени организаторот на финалето на Лигата на шампионите во претходните две сезони, два пати од Турција во Португалија, поради пандемијата на коронавирус.

Членот на Советот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Алексеј Сорокин, кој е и претседател на Организацискиот одбор на финалето на Лигата на шампионите, изјави дека во УЕФА немало дискусија дали Санкт Петербург може да го загуби финалето на најелитното европско натпреварување.

„Се подготвуваме за финалето според планот. Очекуваме да пристигнат повеќе од 50.000 странски навивачи“, изјави Сорокин за ТАСС.

УЕФА ги одвои украинските и руските клубови во ждрепката за нивните натпреварувања, откако Русија го анектираше Крим.

Руската компанија Газпром е спонзор на Лигата на шампионите од 2012 година.

Слични содржини