Американската компанија „Џонсон и Џонсон“ одлучи да го одложи воведувањето на својата вакцина против Ковид-19 во Европа.
Одлуката беше донесена само неколку часа откако сојузните здравствени агенции на САД препорачаа привремено прекинување на вакцинацијата против Ковид-19 со „Џонсон и Џонсон“, откако шест лица развија ретко нарушување со згрутчување на крвта.
„Одлучивме проактивно да го одложиме воведувањето на вакцината во Европа“, рекоа од „Џонсон и Џонсон“, додавајќи дека соработуваат со европските здравствени власти за да ги проверат случаите со згрутчување на крвта.
Во соопштението за печатот, „Џонсон и Џонсон“ велат дека Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) и Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) „предложиле привремено суспендирање на вакцинацијата поради мерки на претпазливост“.
„Безбедноста и благосостојбата на луѓето што ги користат нашите производи се наш врвен приоритет“, рекоа „Џонсон и Џонсон“, потсетувајќи дека повеќе од 6,8 милиони дози од неговата вакцина се применети во САД, откако беше одобрена кон крајот на февруари.
Сите шест вакцинирани со несакани ефекти биле жени на возраст од 18 до 48 години, а симптомите се појавиле шест до 13 дена по вакцинирањето. Во сите случаи, постоеше тромбоза на церебрален венски синус (CVST) и тромбоцитопенија (недостаток на тромбоцити – тромбоцити). ЦДЦ и ФДА наведуваат дека ваквиот исход по вакцинацијата е исклучително редок.
Советодавниот одбор на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ќе се состане во среда за да ги разгледа случаите поврзани со вакцината, додека Администрацијата за храна и лекови (ФДА) ќе ја разгледа анализата, велат двете агенции во заедничката изјава.