Џонсон назначи нови министри за здравство и финансии

од Stefanija Kuzmanovska

Британскиот премиер Борис Џонсон го назначи поранешниот претприемач и актуелен министер за образование Надим Захави за нов министер за финансии, а Стив Баркли за министер за здравство.

Захави (55) е коосновач на познатата компанија YouGov и ја започна својата политичка кариера во конзервативните кругови во Лондон. Тој се здоби со популарност водејќи ја вакцинацијата на Британците за време на пандемијата.

Овие назначувања уследија по оставките на Риши Сунак и Саџид Џавид како министер за финансии и министер за здравство. Сунак на Твитер објави дека поднесува оставка од функцијата британски министер за финансии, додека Саџид Џавид поднесе оставка од функцијата британски министер за здравство во писмо до премиерот Џонсон.

Засега тие се единствените двајца министри на врвот на премиерскиот кабинет кои поднесоа оставка, додека други високи личности му изразија поддршка на Џонсон. Министерката за надворешни работи Лиз Трус, која се смета за водечки кандидат за негово замена, рече дека таа е „100 отсто зад премиерот“.

Оставките дојдоа откако Џонсон беше принуден да упати понижувачко извинување претходно во текот на денот за неговото справување со спорот околу заменик-претседателот на пратеничката група на конзервативците Крис Пинчер, откако се покажа дека премиерот заборавил дека му биле кажано за претходните обвинувања против Пинчер за „недолично однесување“.

Пинчер поднесе оставка минатата недела по обвиненијата дека пипкал двајца мажи во приватен клуб на членови, но Џонсон бил известен за обвинувањата против него уште во 2019 година.

Новиот скандал беше последната капка за двајцата министри бидејќи Борис Џонсон тесно го преживеа гласањето за доверба минатиот месец меѓу конзервативните пратеници во кое повеќе од 40 отсто гласаа против него.

Слични содржини