Британскиот премиер Борис Џонсон денес изјави дека не сака Велика Британија да ја напушти Европската унија без договор, но оцени дека Велика Британија може да „живее многу добро“ без договор со ЕУ, ако нејзините трговски преговори по Брегзит не доведат до договор пред крајот на периодот на транзиција.
Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, но сè уште ги применува европските регулативи до 31 декември, до кога треба да се усогласи договорот за идните трговски односи со европските дваесет и седум. Доколку до тој датум не се постигне договор, ќе започнат да се применуваат регулативите на Светската трговска организација (СТО) и нејзините високи тарифи, со можни сериозни последици за британската економија, која веќе е ослабена како последица од пандемијата на коронавирус.
„Не сакам особено да ги прекинам трговските односи како со Австралија или врз основа на регулативите на СТО, но можеме да живееме многу добро со тоа“, рече Џонсон денес во интервју за Би-Би-Си „Мислам дека можеме силно да успееме во овие околности“, додаде тој.
Посочи дека Брисел и Лондон мора да решат некои сериозни прашања, но истакна дека ЕУ мора да разбере дека властите во Лондон се решени да ја преземат контролата врз нивната земја и нејзините регулативи, а особено, како што нагласи, суверенитетот над британските риболовни зони, што е камен на сопнување во преговорите.
Џонсон синоќа разговараше со претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, со која се согласи да се интензивираат преговорите меѓу Лондон и Брисел, кои се блокирани по усвојувањето на спорниот закон за внатрешна трговија.
Џонсон одреди краен рок за постигнување договор на следниот европски самит на 15 октомври, кој може да се спроведе до крајот на годината, додека Европејците на крајот на месецот му даваат време за постигнување договор.
Датумот за продолжување на преговорите е сè уште неопределен, но британскиот преговарач Дејвид Фрост изјави дека тој ќе продолжи „што е можно побрзо следната недела“.