Ди Марија ги откри причините за преселбата во Јувентус и изборот на бр. 22

од Vladimir Zorba

Новото засилување на Јувентус, Анхел Ди Марија го даде своето прво интервју за клупската телевизија, објаснувајќи ги причините за неговата одлука да и се приклучи на „Старата дама“ и зошто избрал да го носи дресот со број 22.

„За мене ова е нова етапа. Многу сум среќен и возбуден. Од моментот кога реков „да“, можам да го видам тоа од првиот ден, сите овде се како семејство. Цело време се грижат за тебе и тоа ме прави среќен. Во секоја земја во која сум бил, играв за најдобриот тим и ми недостигаше Италија. Најдобар тим овде е Јувентус. Ова е најголемиот клуб и навистина сакав да дојдам овде. Знам дека минатата сезона Јуве не успеа да го освои ниту Скудетото, ниту Купот на Италија и мислам дека мотивацијата да се дојде и да се постигне се со тимот беше нешто прекрасно и затоа реков „да“, изјави Аргентинецот.

„Секоја година се трудам да станам подобар. Доаѓајќи овде, ќе продолжам да се обидувам да давам асистенции, да постигнувам голови и да освојувам титули. Тоа е една од работите што се обидувам да ги правам секоја година – да освојувам што повеќе трофеи каде и да сум. Секако, преселбата во клуб како Јуве ви дава можност да освојувам трофеи и се надевам дека ќе го направам тоа“, посочи крилото.

Го избрал бројот 22 бидејќи го носел и во Реал Мадрид.

„Тоа малку ме потсетува на освојување на Лигата на шампионите и знам дека и Јуве сака и секогаш се бори да триумфира на турнирот. Овој број беше достапен и имав голема желба повторно да го носам. Дресот е бел и црн – бои што ги сака мојата сопруга. Мојата најстара ќерка е родена на 22-ри, така што тоа е комбинација од причини“, вели Ди Марија.

На навивачите им вети голем напор, пожртвуваност и желба за победи и што повеќе трофеи.

„Ќе дадам се од себе на теренот како и секогаш. Ова никогаш нема да изостане. Се надевам дека ќе ги освоиме сите трофеи и ќе бидеме среќни“, додаде поранешниот играч на ПСЖ, Јунајтед, Реал Мадрид и Бенфика.

Слични содржини