ДИЦ го става штрајкот во мирување, матурата ќе се спроведе

од Nikola Popovski
244 прегледи

Синдикатот на Државниот испитен центар со пишано соопштение и пораки до матурантите и до министетрот за образование и наука објави дека го става штрајкот во мирување.

-Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина. Со ова известување штрајкот се става во мирување!, наведува СОДИЦ во пораката до матураните.

Во пораката до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, подвелекуваат дека сите негови досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дале на матурантите во медиумите се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година.

– Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите!, му порачува Синдикатот на Државниот испитен центар на министерот Шаќири.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири порача дека не може секогаш да се поврзуваат важните процеси со некои потребни барања.

-Јас ги поддржувам барањата, но мојот конечен став е дека матурата ќе се реализира на 27 мај согласно рокот. Исто така е и барање на средношколците и денеска во комуникација со ДИЦ и според информациите што ги имам, се прават сите подгототвки за да се полага матурата на 27 мај. Ако е потребно ќе доставиме и кадар од МОН за да можеме да ги завршиме работите, кажа денеска Шаќири од Кавадарци.

Од ДИЦ вчера на брифинг со медиумите информираа дека на средбата со вицепремиерот за економски прашања им било понудено К-15 и линеарно покачување од 2000 денари за половина од вработените.

Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барања за поголеми плати за 29-те вработени и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопираше сите процеси за кои е надлежен ДИЦ, меѓу кои и полагањето на државната матура која треба да почне на 27 мај.

Слични содржини