Дигитализација на катастарските услуги: Граѓаните до имотен лист со еден клик на uslugi.gov.mk

од Марта Пешевска
86 прегледи

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вчеравечер беше гостин во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, каде што ги претстави новите услуги од Агенцијата за катастар на недвижности. Од оваа недела, граѓаните можат да ги користат услугите на катастарот преку националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk, како и во Центрите за услуги на министерството.

„Нашиот фокус сега е да одиме во два правци. Едниот правец е да ги дигитализираме услугите што граѓаните најмногу ги користат за да ја поткренеме свесноста дека постојат вакви електронски услуги, и секако паралелно со тоа да работиме со оние институции коишто се најподготвени за брза дигитализација на нивните услуги,“ изјави Андоновски.

Министерот истакна дека имотниот лист и пет други најкористени услуги од катастарот се достапни на портала, а граѓаните ќе можат да ги добијат овие документи во сите центри за услуги во Скопје, Општина Аеродром, Јегуновце, Куманово, Охрид, Битола и Тетово. „Тоа практично значи дека шалтерите од катастарот ги прошируваме низ целата држава и во нашите центри за услуги,“ рече тој.

Андоновски ја нагласи важноста на измените на Законот за електронски документи, кои стапуваат на сила од 1 јануари. „Секој документ којшто ќе се испечати од порталот, односно електронски документ, ќе може да се користи како традиционален документ со синиот печат. Ова значи дека овие документи имаат електронски печат, електронски потпис, и времен жиг, што им дава полноправна валидност и можат да се користат,“ додаде министерот.

Слични содржини