Дијалогот со Бугарија мора да се базира на европски вредности, вели Ковачевски

од Берта Китинска
187 прегледи

Дијалогот со Бугарија мора да се базира на европски вредности, почит и достоинствен разговор, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на Форумот по повод 100 дена од мандатот на неговата Влада.

Ковачевски рече дека како држава во изминатите триесет години имаме направено многу и се имаме откажано од многу, се со цел да ги исполниме критериумите за членство во ЕУ, што го потврдуваат четирите позитивни извештаи на ЕК за државата.

– Значајна е поддршката што постојано ја добиваме од Германија, Франција, САД и сите земји членки на ЕУ, но членството зависи од консензус. За жал, ние имаме предизвик со соседна држава, заради ветото кое минатата бугарска Влада го стави на отпочнувањето на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија, изјави Ковачевски.