ДИК во соработка со ОБСЕ го објави „Прирачникот за млади гласачи“

413 прегледи

Државната изборна комисија заедно со мисијата на ОБСЕ го промовираше „Прирачникот за млади гласачи“ кој има за цел инклузивен пристап и мотивирање на поголемо младинското учество во сите изборни циклуси.

Овој прирачник ќе претставува една иницијатива за поголема во две насоки, комуникација, помеѓу ДИК и младите луѓе кои ќе гласаат за првпат односно штотуку полнолетните граѓани. Во таа насока, ним ќе им се обезбеди полесен пристап во рамки на изборните процеси, како и соодветно информирање за нивните права, можности и законски обврски.

„Главна цел на ДИК е да ги вклучи сите гласачи во изборниот процес и да ја зголеми свесноста за учеството во општествените активности“, истакна потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.

„ Голем акцент ставаме на младите луѓе и ќе бидеме особено среќни доколку секој од нив се вклучи во изборните и другите процеси на одлучување во земјата. Како институција веќе правиме напори овој Прирачник да го издадеме и во други форми кои се полесно достапни за младите луѓе. Исто така, во соработка со нашите партнери од мисијата на ОБСЕ веќе организираме различни иницијални обуки базирани на Прирачникот со кои дополнително очекуваме да го покренеме интересот и знаењата поврзани со потребата од учество на избори, особено на младите генерации“, посочи Шеху.

„На младите би им порачал, вашиот глас е важен. На вас е да ги внесете своите идеи, вашите грижи и приоритети и вашата енергија во политиката во оваа земја. Иако постојат и други начини да се чуе вашиот глас, како на пример на социјалните мрежи, гласањето е најефективниот начин да се направат политички промени. Особено на локално ниво имате моќ да направите вистинска разлика во управувањето со вашите заедници“, рече шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

Исто така и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски посочи дека младите точно знаат во каков свет и држава сакаат да живеат, што им е потребно, каде сакаат да работат, но и колку сакаат и сметаат дека треба да заработуваат.

„Токму затоа е важно младите да се вклучат и да учествуваат во носењето на одлуки, почнувајќи од користењето на своето право на глас во рамки на изборните процеси. Гласот на младите ќе биде јасна насока какви политики ќе се креираат во однос на нив и нивната иднина. На нашето општество му се потребни младите и тоа е клучното што треба да им го кажеме, потребни сте ни вклучени, активни и влијателни“, додаде Мојсовски.

Слични содржини