Диктатура Ante Portas

од Nikola Popovski
170 прегледи

Пробивањето на сите класични карактеристики на режим и диктатура тие го прават брзо и секој ден окупираат нов простор од нашите животи, општеството, државата. Режимот всушност веќе не тропа на нашите порти – портите на секој што живее овде освен на самите припадници на режимот – туку веќе влегува внатре, во нашите домови и светот на животот. Тој процес несомнено ќе се интензивира и добие нова сила по одвојувањето на Албанија од Македонија во процесот на интеграција кон ЕУ. Сосема е јасно дека и најмрачните сценарија кои можат воопшто и да се замислат во 21 век во просторот на Европа веќе се реализираат – власта сама по себе пронаоѓа нови и нови методи како да се зацврсти и притоа брзо се адаптира на нови ситуации кои впрочем и самата ги создава со таа цел. Веројатно и шокантното пропаѓање на меѓународната и Балканска позиција на државата е нивен план со кои сакаат да ја реализираат намерата во таква изолирана држава полесно да може да се владее. Предвидлив беше исходот на тоа смешно но истовремено и многу опасно раскарување со Грција и Бугарија придружено со лажен патриотизам а замаскирано потоа со повлекување од првичните непредизвикани провокации во случајот со Грција. Она што не беше очекувано е молкот на меѓународната заедница, посебно САД и ЕУ, пред отворениот обид на власта да ги поништи сите процеси кои едноставно значат стабилна држава и општество. Знаеме дека САД со приемот на Македонија во НАТО веќе го реализираше својот клучен интерес, но сепак изненадувачки е како, и покрај подзатскриената поддршка која последниве години ја даваше на мицковистичко дпмне, не гледаат дека оваа власт не само што нема да исполни ниту едно од даваните ветувања, туку истиот слободен простор за делување овозможен од нив ќе го искористи да воспостави режим, диктатура.

Но се чини дека веќе нема да можат да молчат, посебно ЕУ, пред очебијното креирање на некаков вредносно мини анти ЕУ сојуз на држави предводен од Унгарија, што веројатно е мотив за дадениот кредит со кои режимот само ќе се зацрсти и – ништо повеќе. Сомнителните основи и релации на таа оска во која отворено не вовлекува овој режим мора да предизвикаат брза и остра реакција и делување на ЕУ структури овде. Ние нема да можеме да се ослободиме од оваа власт, од овој режим и диктатура по т.н. орбановски модел (барем засега, веќе прераснува во диктатура од сталинистички, пиноче тип) ако ЕУ и САД не ги вратат основните принципи на функционирање на демократијата. Ние немаме сила и ресурси да се спротивставиме на диктатура која ги окупира сите позиции на светот на животот, згора засилен со процес на некаков непредвидлив сојуз за ЕУ по поинаков вредносен, орбановски видокруг и разбирање. Во ваква сиромашна држава, каде бизнис елитите отворено ја поддржуваат власта заради реализација на повеќе профит, каде речиси сите главни медиуми се под нивна контрола, каде што почнува владењето на стравот од режимот, нема можност обичниот народ самиот да содаде макар и микро колективни субјективитети со кои ќе освои слобода и демократија. Политичките партии во диктатури и режим на секој можен начин се корумпираат – дали преку минимално учество во профитабилната власт или внесување раздор во самите партии преку некои вид на корупција во дел од структурите, сеедно  – и во комбинација со безмилосно инструментализирање на моќта на системот на институции од страна на режимот истите можат да се држат под контрола. Кај нас, во услови на неразбирливото доброволно инкорпорирање на речиси сите десничарски партии под крилото на дпмне мицковистичко и учество во власта, и во услови на ново втемелување на левицата (оние од „левица“ не можат да бидаат сериозен и кредибилен политички и народен субјект од повеќе причини) кое за волја на вистината изненадувачки добро започна со новиот претседател на СДСМ кој може да биде предводник на борбата за слобода и демократија, нема ниту силен НВО сектор, што е уште еден голем проблем за овој народ. Чудно е како до пред неколку години многу гласните НВО наеднаш замолкнаа, и иако знаеме дека класичниот рецепт за нивно неутрализирање (давање фондови и сл.) веќе се применува, сепак шокантно е зошто никој од порано толку гласните НВО не реагира на веќе толку очигледното загушување на граѓанското општество од страна на режимот.

Одамна нема сомнеж дека завесата на (лажниот) патриотизам со кои Македонија ја претворија во изолирана територија и остров се наоѓаат лукративни мотиви. Полесно се владее и полесно се злоупотребува моќта кога нема никакви контролни механизми, буквално никакви критички медиуми, независни регулаторни тела, НВО – сите се контролирани на еден или друг начин од режимот. Затоа и нема ЕУ, бидејќи ќе ги нема масивните контролни механизми на ЕУ. Таква изолирана држава во која непречено владеат 2-3000 државни функционери и се богатат преку буџетот додека сите ние другите секојдневно осиромашуваме заради оската бизнисмени- компании-власт, е сон на секој диктатор односно диктаторски режим. За илустрација на тоа веќе отворено дрско потценување на народот и потсмевање со него, нас што не сме дел од кликата на режимот, е едно памфлетче на функционер на мицковистичко дпмне, во кое невешто се обидува да ги брани барањата на бизнисмените профитери и таканаречените стопански комори за тоа дека не треба да се замрзнат цените на некои производи, што впрочем режимот и им го исполнува – освен ако некој воопшто не оди во продавница и не го гледа тој секојдневен неоснован раст на цените и „ефектите“ од квази намалување на истите по неколку денари со смешната „грижа“ на режимот за обичниот народ, откако претходно многукратно поскапеа. Имено, со тоа памфлетче, неука апологија на првобитниот, див капитализам, функционер на власта со застарен и одамна надминат Фридмановски концепт за тоа дека компаниите не се морални ентитети, како да не гледа (а можеби и навистина не, којзнае, од дебело платени режимски фотељи не се гледа секојдневната реалност на обичните, експлоатирани работници, луѓе) дека кај нас ретко која компанија ги применува во своето работење дури и основните принципи на т.н. општествена одговорност, а камоли суштинските етичко-одговорни модели на работење. Прашањето на општествена одоворност е директно поврзано токму со функционирањето на владата на една држава (освен во режим, диктатура) во смисла на поставување на обврски на компаниите истите во своето работење и создавање профит да имаат и позитивно влијание врз општеството и државата, во контекст на нејзина стабилност и оддржливост. Иако примарно тие обврски се замислени како доброволни, во простори и историски очајни економски позадини како што е Балканот а посебно Македонија истите, сосема очекувано, доброволно не се реализираат. Ниското ниво на развиток на моралната свест и бизнис етика кај менаџерите односно таканаречените газди, и генерално сиромаштијата овде само се зголемува со таквите барања и практики, посебно на оваа власт, за нерегулирање на пазарот. Овде нема Кејнзијанска невидлива рака на пазарот и конкуренцијата, тоа може да го има само во богати развиени земји и економии (како во ЕУ, на пример); овде има само примордијална, нескротена алчност за повеќе и повеќе профит и пари кај т.н. газди и компании и креирање монополи за диктирање високи цени на пазарот. Секој студент знае дека меѓу познатите четири димензии на општествената одговорност на компаниите најважна е законската одговорност која може да ја наметне само државата (но не и диктаторските, еве гледаме) токму со цел да ги сведе на минимум неприфатливите форми на однесување на компании и поединци („газдите“ де). Кај нас во овие сто дена има такво големо зголемување на цени без никаква реална основа (цените на нафтата и струјата не се поскапени, напротив) и во таа смисла наместо државата – владата на дпмне, вреди и знам – да ги примени сите дозволени можности да го санкционира тоа неприфатливо однесување и профитерство, тие всушност истите и ги поттикнуваат преку таканаречените стопански комори и прочуениот Азески после седнувањето на премиерот. Сепак, утеха е што за кратко време, со губењето на пазарите и фондовите од ЕУ, а можеби и блокади од Бугарија и Грција, како и неисполнетите конкретни барања на сите бидејќи се меѓусебно спротивставени, дел од компаниите ќе престанат да ја поддржуваат оваа власт т.е. режим.

Напатениот Македонски народ – и сите граѓани кои живеат во Македонија – низ историјата има доживеано и преживеано пеколни времиња, разни режими и диктатури, и затоа и ја создал поговорката – „кога мечката игра пред портата на комшијата, ќе затропа и пред твојата“. Оваа длабокоумна народна поговорка е резултат на вековното искуство со разни типови на експлоатација и поробување, разни деспоти и диктатори, и е јасна поука за тоа дека сите треба да сфатат дека нема индивидуален спас од режим, силата на диктатурата. Тој порано или подоцна ќе затропа на сечија порта – и дека не треба да се чека да дојде пред твојата порта, сечија порта, туку мора брзо, веднаш, и заедно да се победи. Македонскиот народ не смее да повеќе да чека.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини