Димиторв-Курц: Австрија ја поддржува европската перспектива на Македонија

од desk2
77 прегледи

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска престојуваше во работна посета на Виена на покана на австрискиот шеф на дипломатијата, Себастиан Курц. Фактот што посетата е една од првите билатерални посети на МНР Димитров на ЕУ земјите членки, надвор од соседите, претставува потврда повеќе за силните врски на пријателство и соработка меѓу двете земји и нации, велат од МНР.

„Во разговорот со својот австриски колега, министерот Димитров се заблагодари за конзистентната и отворена поддршка на нашиот пат кон членство во ЕУ, истакнувајќи дека Австрија претставува еден од најважните ЕУ пријатели на Регионот. Во таа смисла, Димитров посебно ја нагласи потребата од постигнување на суштински исчекор во процесот на интеграција на Регионот во ЕУ, и тоа на двете страни – завршување на домашната задача на самите земји аспиранти, но и внесување на нова динамика во процесот на интеграција од страна на земјите членки. Република Македонија на овој пат, е решена, преку посветена работа, да понуди што е можно повеќе аргументи на своите Европски партнери и да претставува позитивен пример за европската перспектива на целиот Регион. Брзото враќањето на интегративниот воз за Брисел назад на шините е од клучно значење, а Македонија може да биде новиот светол момент на овој макотрпен пат, заклучи Димитров“, соопшти МНР.

Курц потврдил дека Австрија останува силен поддржувач на европската иднина на Македонија, поздравувајќи ги заложбите на новата реформска Влада на Македонија за темелни реформи во клучните области, како и политиката на отворен и позитивен однос со своите соседи.

Разговорите на двајцата шефови на дипломатиите опфатиле и теми поврзани со миграцијата и унапредувањето на билатералната соработка, а била размененети мислења и за актуелни политичко-безбедносна теми во нашиот регион и пошироко.

Во рамките на својата работна посета на Виена, министерот Димитров остварил средби и со претседавачот на Комисијата за надворешнa политика во австрискиот Национален Совет, Јозеф Чап и членови на комисијата, со претседателот на Комората на индустријалците на Австрија, Георг Капш, а дал и интервју за австрискиот весник „Die Presse”.