Димитриеска-Кочоска: Дијалогот меѓу работниците и работодавачите е клучен за договор за минималната плата

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека прашањето за минималната плата треба да се решава преку директен дијалог меѓу работниците и работодавачите, при што Владата ќе го прифати секој договор што ќе биде постигнат меѓу двете страни.

од desk4
11 прегледи

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека прашањето за минималната плата треба да се решава преку директен дијалог меѓу работниците и работодавачите, при што Владата ќе го прифати секој договор што ќе биде постигнат меѓу двете страни.

Во гостување во емисијата „360 степени“ на Македонска телевизија, министерката посочи дека платата на работниците секогаш треба да расте, но нагласи дека мора да се почитуваат економските правила и реалните можности на приватниот сектор.

Таа истакна дека товарот за исплата на платите во приватниот сектор го носат работодавачите, а не државата, потенцирајќи дека Владата може директно да влијае само врз платите во јавната администрација. Според неа, државата веќе ги зголемила платите во здравството, образованието, Министерството за внатрешни работи и во други јавни институции.

„Владата го има поставено законското решение. Доколку работниците и работодавачите сметаат дека минималната плата треба да биде над законскиот минимум, тоа е прашање за нивен меѓусебен договор“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Осврнувајќи се на прашањето за линеарното зголемување на пензиите за 5.000 денари, иако постои закон за усогласување, министерката појасни дека станува збор за предизборно ветување поддржано од мнозинството граѓани на изборите во 2024 година. Таа нагласи дека барањата за минималната плата и одлуката за пензиите не можат да се споредуваат, бидејќи станува збор за различни категории и различен начин на финансирање.

Димитриеска-Кочоска повтори дека во однос на минималната плата Владата останува на важечкото законско решение и дека нема промена во вкупниот износ на средства што се издвојуваат за пензии, туку само во начинот на нивна распределба.

Во врска со можноста за зголемување на платите на функционерите овој месец, министерката изјави дека таква тема не била разгледувана на владина седница и дека таа не располага со информации дали ќе има таква одлука, упатувајќи ги новинарските прашања до надлежното ресорно министерство.