Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ изјави дека од финансиската рамка од шест милијарди евра договорена со Обединетото Кралство, засега сигурни се два проекти – железничката инфраструктура и инвестициите во здравството, со вкупна вредност од околу 2,2 милијарди евра.
Таа објасни дека овој износ ќе се реализира постепено во следните пет години, со околу 400 милиони евра годишно, што ќе влијае на зголемување на јавниот долг, но истовремено ќе придонесе за економски раст преку активирање македонски компании и зголемување на додадената вредност.
Во однос на болниците во Штип и Кичево, кои веќе се дел од буџетот, Кочоска рече дека овие проекти сега ќе се финансираат од средствата од Обединетото Кралство, што го објаснува зголемувањето на јавниот долг. Таа додаде дека долговите ќе се зголемуваат постепено, во зависност од повлекувањето на средствата, а отплатата ќе почне по завршување на проектите и ќе се дефинира според физибилити студијата.
Министерката потенцира дека државата се стреми да го следи европскиот модел на проектно финансирање — прво се обезбедуваат средства за конкретни проекти, со грејс-период без враќање, а потоа следи периодот на отплата. Оваа стратегија е дел од напорите за одржливо финансирање и подобрување на инфраструктурата и здравствениот систем во земјата.